X
 26.02.2022 Наша тема

Еден ден ќе се разбудиме од состојбата на колективното рамнодушие: интервју со писателот и новинар Александар Сашко Кукулев

Се укинаа речиси сите дописништва на македонското радио. Граѓаните од 29 града во земјава немаат можност за јавна локална информација и за нивно добро, направија локална информациска темнина која трае до денес

Новинар, радиоводител, писател, сценарист, советник во Општина... Проза, поезија, радиодрами, документарци, претстави... Велешкиот културен деец Александар Сашко Кукулев ги отворил овие фронтови воден од најсуптилните треперења на сопствената имагинација и посакува вечно да траат тие војни во кои пишаниот збор е животородно оружје, предводено од кавалеријата на доброто кое секогаш на крајот го победува злото.
Делата „Патувањето на Петар Келемен“, „Како избравме американски претседател“, „Очајникот“ што надоаѓа... поемата „Jazz”, за која со предговорен осврт го почести претседателот на Светската академија на науки и уметности, д-р Иво Шлаус, поемата „Еригон“ по која д-р Зоран Пејковски го опиша како Александрит во македонската поезија, потоа „Дамата со неутрино во зениците“, „Неиспратените стихови до Бохумила Вагнер“ како избор од неговата љубовна поезија... Неколку радиодрами (Сердарот, Болен Дојчин, Крвава кошула) со кои на почетокот од овој век беше редовен учесник на Фестивалот на документарна програма и радиодрама Prix Marulic во Хрватска... се дел од репертоарот на Кукулев.

Сте отвориле многу фронтови. Имате ли уште битки за водење?

- Телевизиско сценарио за трите дела на „Велес срцето на Македонија“, сценарио заиграно во документарниот филм „Последниот Македонец - патот до истребување“ кој стана култно визуелно четиво за она што ние, Македонците, најдобро го умееме – самоуништувањето, театарскиот текст „Залезот на сенките“ работен со Анита Даева. Сигурно има уште нешто на што не можам да се сетам, но дај Боже за нови културни фронтови, јас сум подготвен!

Кога ги направивте првите книжевни чекори?

- Ако добро се сеќавам, проодев во нижите одделенија на основното училиште во Велес, вљубен во македонскиот јазик, во содејство со некој вроден талент, вешто воден од прекрасни педагози како Темелкова, Ќупева, Поповска... Самодовербата е основа на почетокот, потоа следуваат константната љубопитност, квалитетното образование што денес е мисловна именка, запознавање нови луѓе, интересни места, искрени пријатели со кои зачекоруваш во животот, први љубови, младешки немири... колку само зборови се потребни за восхит кон животот... Мене ми успеваше...



Што е тоа што Ви вели што и кога да пишувате?

- Не знам како е кај другите, кај мене се јавува во облик на агонична потреба да се крикне! Битието се растреперува, ви станува тесно во сопствената кожа и трае тој волшебен немир до последната точка. До новото созревање на крикот... Ниту одбрав како ќе започне ниту, пак, знам кога трепетот ќе заврши, тоа е работа на некои повисоки сфери од моето постоење што јас едноставно не ги контролирам, ама сакам да трае... прекрасно е.

Сте почнале со радионовинарство во Радио Велес и одвреме-навреме објавувате случки од тие времиња. Која е приказната на Радио Велес, кои вибрации се чувствуваа тогаш?


- Во радиото влегов на осумнаесет и траев осумнаесет години, сѐ додека сто и дваесет „мудреци“ од дворецот на семожните и ирационалните нешта, во центарот на Скопје, не кренаа по два прста и ја укинаа јавната локална радиодифузија. На граѓаните од 29 града во земјава им ја укинаа можноста за јавна локална информација и за нивно добро од нив направија локална информациска темнина која трае до денес. Инаку, Радио Велес е една мошне важна животна етапа за мене. Му дадов многу, ми врати уште повеќе. Нема да бидам нескромен ако кажам дека се сметам за еден од омилените радиски гласови во велешкиот етер во тоа време.

А каква е приказната на локалното радио Канал 101?

- За разлика од Радио Велес, Канал 101 беше една сосема поинаква приказна, ослободена од иконографијата на Маркс, Енгелс, Ленин и Тито на ѕидовите од радиските простории. Таков беше и менталниот склоп на луѓето што ги одбравме да ни се придружат во екипата. Се обидувавме и успевавме да избегаме од идиотските клишеа како во музиката така и во содржинскиот пристап кон слушателите. Ригорозно го исмевавме балканскиот стерео примитивизам, силно ги жигосувавме идиотските појави во велешкото секојдневие почнувајќи од бирократијата преку лошиот вкус, па заклучно со политиката која во својата пројавна форма (говориме за деведесеттите) манифестираше шизофрен залет, чии последици ги сведочиме денес. Само на Канал 101 можевте да слушате Топ-листа во која Мајкл Џексон е на место број два, додека на место број еден, трета недела по ред, се наоѓа Ванчо Тарабунов.

Новинар-писател. Има некоја врска меѓу нив и каква ќе биде разврската?

- Новинарството е најубавата професија на светот, а кај мене ни наградите не изостанаа. Добитник сум на наградата „Менде Петковски“ што некогаш ја доделуваше култниот „Дневник“, а во 2011 со колегата Владимир Тевчев добивме и награда „Новинар на годината“ на ЗНМ за нашата истражувачка сторија, кога ги пронајдовме посмртните остатоци на народниот трибун, велешкиот учител свeдител на два Илиндена - Панко Брашнаров. Заедно со снимателот Данчо Стефков направивме одлична емисија за КОД на Снежана Лупевска, која тогаш се емитуваше на „Канал 5“. Од друга страна, поезијата ме одведе во Рига, Латвија, на Деновите на поезијата што секоја година се одржуваат таму, а позитивниот прием на моите два романи (засега) од страна на читателската публика ми донесе многу искрени пријатели и публика што искрено се радува заедно со мене.



Кои хоризонти треба да ни ги отвори делото „Патувањето на Петар Келемен“?

- Петар Келемен треба да биде отрезнување, гордост и закана истовремено. Непознавањето на сопствената историја и креирањето лажни митови, за жал, се дисциплина во која ние, Македонците, одлично се снаоѓаме. Петар Келемен нуди вивисекција на случувањата пред, за време и по атентатот во Марсеј 1934 година. Романот е фактографски и вистинит приказ на сето она што сме сакале да го знаеме, а никогаш не сме имале можност за тоа. Мислам дека токму затоа помина одлично и доживеа две изданија. Нека стои запишано, тврдам дека нема да има мир на Балканот додека балканските земји не седнат на маса и не се погледнат в очи, секој за својата улога во марсејскиот атентат кога е убиен кралот Александар Караѓорѓевиќ!

Како се случи романот „Како избравме американски претседател“?

- Ја сум од Велес, а во 2016 година Хилари Клинтон на прес-конференција објави основан сомнеж за појава на извори за лиферување лажни вести лоцирани во Велес, Македонија. Нема поголем предизвик од тоа да се опише подвигот на група тинејџери од Велес и нивниот упад во изборниот систем на најмоќната држава во светот. Се надевам дека и Доналд Трамп беше задоволен. Книгата е во издание на „Полица“ од Скопје, одлично се продава и топло им ја препорачувам на сите оние што сакаат да гледаат филм читајќи!



Како успеа оваа приказна да стигне до Шпанија и што значи тоа за Вас?

- Винсенс Санклементе, новинар на шпанската национална телевизија, е човек што професионално го истражува феноменот на лажни вести на неколку „невралгични“ точки на светот. Дознал за книгата и дојде во Скопје да се запознаеме. Направивме убаво интервју кое се надевам за кусо време ќе можам да го споделам и со вас и вашите читатели.

Ќе дознае ли Латинска Америка за македонската литература или ќе останеме заробени помеѓу Табановце, Ќафасан и Деве Баир?

- Секако дека ја прифатив понудата романот „Како избравме американски претседател“ да биде преведен на шпански и да биде објавен за тамошната читателска публика. Тоа е пробив што ретко кој во Македонија може да си го посведочи или да си го дозволи ако сакате. Ние го имаме проблемот со јазичната бариера и ако делата не се преведуваат, остануваат заковани на релацијата што ја споменавте Табановце, Ново Село, Ќафасан и Гевгелија. Кругот е малечок, а во него сме сите... Државата не субвенционира преводи или тоа е само во некој симболичен опфат, па токму затоа состојбата со македонското книжевно творештво ни е таква, каква што најверојатно ја заслужуваме.

Во време на социјални мрежи, некултура и кич, каде е литературата?


- Тука е, ја има, живее! Таа е како пиреј, корни ја, шуткај ја, укинувај ѝ го просторот... спори ѝ го јазикот... таа пак ќе порасне и ќе живее! Ние не знаеме да пишуваме на друг јазик освен на оној на кој нѐ научиле нашите мајки... му се допаѓало тоа некому или не. Новите медиуми си носат свои бенефити и предизвици, но со нив доаѓа и младост која е кадарна да се справува со нив.



Возможно ли е во Македонија да се биде само писател, односно дали е возможно воопшто да се биде во Македонија?

- Македонија е земја во која царува непотизмот, држава во која царуваат како црева испреплетени братучеди, роднини и пријатели. За жал, Македонија денес се задушува во незнаење, алчност и духовна сиромаштија. Понекогаш мислам дека Македонија е земја која ни самата повеќе не може да се поднесе себеси. Доволно е да се пушти телевизор или да се влезе на која било социјална мрежа за да ти стане јасно колку е нејасно. Денес, за жал, првото бебе Македонче се раѓа во Мајнхајм, гуми и валовец за Коледе палиме во Хановер, за Бадник сме во кругот на семејството во Дортмунд, а по крстот на Водици се фрламе во Рајна! Инаку, пред Божик зад Божик, кај и да си, во Франкфурт дома да си! Но кога пак тоа било лесно за нас, Македонците?
Имаме тренинг од стотици години наназад и не ни паѓа тешко.
Ќе дојде ден, ќе се разбудиме од оваа хипнотичка состојба на колективно рамнодушие. Ќе се разбудиме, ќе видиме кои делови од себе си во меѓувреме сме ги изгубиле, ќе станеме, ќе ја истресеме прашината од панталоните, ќе ги протриеме очите и ќе тргнеме да се репронаоѓаме во времето што доаѓа.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема