Леонард Коен размислувал со денови, недели и месеци за одредени песни. Иако верувал дека овие дела ќе станат класици, морал да го преброди отпорот на дискографската куќа. Една од тие песни е и неговиот најголем хит „Hallelujah“.
Комплексноста на оваа песна и поетската природа на текстот не се случиле преку ноќ. Коен еднаш открил дека конечната верзија не била создадена додека не напишал 180 различни верзии. Тоа било креативно патување кое траело повеќе од една деценија. Дури и кога била готова, песната била одбиена од неговата издавачка куќа.
Песната била објавена на албумот „Various Positions“ во 1984 година. Кога Коен ѝ го претставил овој албум на дискографската куќа, „Hallelujah“ била една од главните песни, па првиот човек на компанијата, Валтер Јетникоф, го одбил целиот проект. Аранжерот и продуцент Џон Лисауер во една пригода се присетил колку бил изненаден кога песната била одбиена.
- Леонард ме праша дали сакам да снимам албум затоа што имаше нови песни, меѓу кои и „Hallelujah“ - изјави тој и додаде дека никогаш не барал објаснување за текстот бидејќи сметал дека така би го навредил пејачот.
- Мислев дека ќе му се допадне на издавачот, но не бев во право. Јетникоф ја мразеше песната - додава продуцентот.
По објавувањето на албумот, песната немала голем успех. Поуспешна била верзијата што ја отпеал Џон Кејл во 1991 година. И кога се чинело дека песната ќе падне во заборав, таа станала хит кога верзијата на Кејл била вклучена во анимираниот филм „Шрек“ во 2001 година.
Мислењата за песната се поделени, но таа останува камен-темелник што го потврдува Коен како уникатна икона на популарната музика. Инаку, оваа песна е една од оние што имаат најмногу обработки.
Фото: Screenshot/YouTube