Поранешниот извршен директор на „Епл“, Стив Џобс, еднаш рекол дека на луѓето што знаат што зборуваат не им е потребна пауерпоинт-презентација.
Но, тој самиот ги претставувал новите производи на компанијата со производот на „Епл“ наречен „Киноут“, кој служи за правење презентации. Дали станува збор за конкурентност помеѓу „Епл“ и „Мајкрософт“ или нешто друго?
Лесно е да се претпостави дека тој само ја претпочитал програмата на сопствената компанија, но неговата целосна изрека на оваа тема гласи: „Мразам кога луѓето користат презентации наместо размислување. Луѓето се соочуваат со проблемите создавајќи презентации. Сакам тие да се вклучат, да претставуваат работи на маса наместо да покажуваат слајдови. На луѓето што знаат што зборуваат не им треба Пауерпоинт“.
Фото: Мими Тиан, Unsplash
Кога го кажал ова, Џобс не мислел на графиконите што се користат на големи настани што се снимаат. Сепак, тоа се настани на кои треба да се прикажат слики и податоци. Она на што мислел Џобс се внатрешните состаноци во компаниите. Тој сакал состаноците да бидат интерактивни и да ги вклучуваат сите луѓе. Доколку покажувате презентација на состанок, ги ставате другите во позиција на набљудувачи наместо на активни учесници во дискусијата.
За жал, презентациите станаа најлесен начин на претставување на одредена идеја, а честопати оние што ја претставуваат презентацијата само читаат од неа и не се доволно подготвени за позначајна дискусија.
Џобс бил роден пред појавувањето на овие програми и знае како тие биле направени. Во доцните 80-ти години, кога Џобс почнувал со работа, користењето графикони било прифатливо само на јавни настани. Внатрешните состаноци и дискусии се одвивале со табли и документи.
Стив Џобс не бил единствен што не сакал да види презентација за време на состанок. Против оваа практика се и Џеф Вајнер, извршен директор на „Линкдин“, Џек Дорси, извршен директор на „Твитер“, Стив Балмер, поранешен извршен директор на „Мајкрософт“ и Џеф Безос, извршен директор на „Амазон“.
Насловна фотографија: Pixabay