Продуцентот и уредник Џејсон Стал објаснува како си го олеснил животот.
- За „работна униформа“ првпат слушнав пролетта 2015, кога прочитав статија за одлуката на една уметничка директорка секој ден да носи иста облека. Матилда Кал напиша дека овој избор ѝ заштедил безброј часови во кои би се прашувала што да облече, но и многу пари кои претходно ги трошела на облека.
Иако е невообичаено, многу успешни луѓе носат работна униформа. Марк Закерберг си ги има своите сиви маички, Стив Џобс беше препознатлив по црните ролки, а Барак Обама носеше темносин или сив костим речиси секој ден додека беше претседател.
Можеби не сум зафатен како Марк Закерберг, но сум татко, сопруг, син на постари родители, фриленсер и уредник на портал за патувања. Кога ќе се разбудам и знам што ќе носам, тоа е една грижа помалку.
Зимата 2016, кога отидов на работа во еден магазин, бев сведок на случај каде што луѓе носеа работни униформи. Побарав помош од еден уредник за да си составам моја униформа. Ми даде некои совети: одбери основни бои, без диви шари и мора да ти е удобна облеката. И секако, купи доволно за да имаш за една недела или подолго. Почнав со еден пар темносини фармерки, морнарско-сина кошула и кафеави кондури. Потоа си ја проширив униформата за да се приспособам на различните временски услови.
Кога ќе им кажам на луѓето за носењето униформа, често ме прашуваат: Зарем никој не забележува? Никој не забележува. Дури и заборавате дека го правите тоа. Моите колеги знаеја само затоа што го дискутиравме тоа. Дури ни мојата сопруга никогаш не забележа.
Фризура, нови очила или промена поврзана со влакната на лицето се многу позабележливи од работната униформа. Вашиот изглед е константен и луѓето се навикнуваат да го гледаат.
Поради тоа што ми беше удобно во новата облека, се чувствував посамоуверен во работата што ја работев. Умот ми беше побистар бидејќи не го започнував денот измачувајќи си го мозокот што да облечам, предизвикувајќи домино-ефект на стрес. Чувствував како бев поспособен да ја фокусирам мојата енергија кон носење одлуки. Решив да продолжам со работната
униформа.
Најлесната одлука е кога не треба да носите никаква одлука.