Минатиот месец бил најжешкиот месец во колумбиска Амазонија во изминатата деценија, што довело до зголемување на шумските пожари во југоисточниот регион и многу веројатно влијаело врз квалитетот на воздухот во главниот град Богота, соопштија од тамошното министерство за животна средина.
Во извештајот се наведува дека во јануари биле забележани највисоките вредности на жешките точки во изминатите десет години во колумбиски Амазон.
Од министерството истакнуваат дека феноменот се случува во време кога во земјата е сезона на малку дождови, но и дека улога игра човечкиот фактор, чија главна активност е поврзана со дефорестација.
Најмалку 80 отсто од „жешките точки“ се шумски пожари, истакна портпаролот на министерството. На крајот од јануари министерството идентификувало 3.300 „жешки точки“ во шесте оддели што го сочинуваат колумбиски Амазон, меѓу кои 1.300 само во регионот Гуавиаре.
Според сведочењата од октомври минатата година, земјоделците и земјопоседниците ја искористуваат сувата сезона од јануари до април за да горат или да сечат дрвја и да садат кока (билка од фамилијата Erythroxylaceae) на нивно место, или да си ја пуштат стоката да пасе таму.
Особено е загрозен националниот парк Чирибикете, како и националниот природен резерват Нукак, голема територија на џунгла населена од последните домородни номади во Колумбија.
Фондацијата за конзервација и одржлив развој, која ги брои и редовно лета над засегнатите области, забележала најмалку 938 шумски пожари, што е најголема месечна бројка за јануари уште од 2012 година.
- Илјадници хектари амазонска џунгла, исечени во изминатите месеци, денес горат. Тие големи огнови сега се чувствуваат дури до Богота. Итно треба да се донесат одлуки за јавното здравје - напиша директорот на фондацијата, Родриго Ботеро, на „Твитер“.
Градоначалничката на Богота, Клаудија Лопез, ја осуди „неспособноста на владата да ја контролира територијата и да гарантира безбедност“. Таа истакна и дека поради насоката на ветриштата и поради пожарите, на крај се влошува квалитетот на воздухот во престолнината, која е оддалечена речиси 500 километри.
Во Меделин, вториот најнаселен град во Колумбија, властите предупредија на влошување на квалитетот на воздухот до ниво штетно за здравјето на децата и постарите.
Според податоците на колумбиската влада, дефорестацијата во амазонските региони на земјата експлодирала во последните неколку години, забележително како резултат на историскиот мировен договор потпишан во 2016 година со Револуционерните вооружени сили на Колумбија, кои тогаш напуштија големи територии што беа под нивна контрола.
Извор:
Phys
Насловна фотографија: Twitter