Дури и најдивите делови од Амазонија, кои се недопрени од човештвото, го чувствуваат влијанието на климатските промени, покажува ново истражување.
Потоплите, посуви услови во текот на изминатите четири децении ја намалуваат големината на птиците од дождовните шуми и им го зголемуваат распонот на крилјата, покажува студија објавена во списанието „Сајенс адвансес“.
Се смета дека промените се одговор на нутритивните и физиолошките предизвици, особено за време на сувата сезона од јуни до ноември.
- Клучно за мене е што ова се случува далеку од директно човечко вознемирување, како што е дефорестацијата, во срцето на најголемата дождовна шума во светот - вели Вајтек Џиринек, еколог и водечки автор на трудот.
Тој и неговите колеги ги анализирале податоците собрани за повеќе од 15.000 птици кои биле фатени, измерени колку се големи и тешки и биле одбележани во 40-годишна работа на терен. Тие утврдиле дека речиси сите птици станале полесни од 80-тите години наваму. Повеќето видови секоја деценија губеле во просек по 2 отсто од тежината, што значи дека видови птици кои тежеле 30 грама во 80-тите сега тежат во просек 27,6 грама.
Податоците не се поврзани со одредено место, туку се собирани од голем простор во дождовната шума, што значи дека феноменот е распространет.
Сѐ на сѐ, научниците испитувале 77 вида чиј хабитат варирал од студен, темен шумски под до средно високиот осветлен и потопол дел.
Птиците во највисоките делови од средно високиот дел, кои летаат повеќе и подолго се изложени на топлина, имале најнагласени промени во тежината на телото и големината на крилјата.
Хипотезата на тимот била дека ова е адаптација на енергетски притисоци - на пример, намалена достапност на извори на овошје и инсекти - како и на термален стрес.
- Има добро теоретско објаснување зошто помалата големина е корисна при климатско затоплување - можете подобро да се оладите - но потешко е да се објаснат поголемите крилја - вели Џиринек.
Подолгите крилја и намалениот сооднос маса-крилја создаваат поефикасен лет. Поголемиот сооднос маса-крилја бара птиците побрзо да замавнуваат со крилјата за да останат во воздух, користејќи повеќе енергија и создавајќи повеќе метаболичка топлина.
Авторите на студијата веруваат дека други видови низ светот веројатно се соочуваат со слични притисоци, но тоа сѐ уште не е документирано.
Извор:
Science Alert
Насловна фотографија: Unsplash