Ниту еден премиер последниов четврт век не појмил дека токму уметноста, литературата, со еден збор елитната креативна култура е клучниот ресор и поле на дејство и на афирмација на Македонија
Во најновиот број на Ревијата за култура и уметност „Енекен“ од Солун неодамна беше објавена новата проза на писателот Томислав Османли со наслов „Наредното евангелие“, впечатлив расказ за најактуелната тема - пандемијата. Расказот го напишал минатата година, кога како во чудо пред нас се нижеа сѐ подраматични и подрастични, дури парадоксални слики и информации за епидемијата од Вухан. Сета таа масовна драма придвижила метафизички чувствувања и идеи кај него, а една од нив е овој расказ што прво беше објавен во прилогот „Лик“ на „Нова Македонија“, а по прочитот, неколку негови книжевни пријатели му рекле дека се работи за исклучителен прозен поглед на тековната глобална драма што толку пати и на толку места премина во трагедија. Пред грчката објава, овој парадигматичен расказ го објавија неколку регионални медиуми: хрватскиот портал Култура.хр, српскиот Синхро.рс, босанско-херцеговскиот Астронаут.ба..., адреси на кои авторот го испратил расказот и тој еднаш бил прифаќан за објавување. Босанскиот портал направил дури и интернет-објава на еден дел од расказот и на „Инстаграм“. Одгласите биле позитивни.
- Мислам дека таа рецепција се должи на специфичното видување на пандемијата, пренесена не низ поединечен случај или персонални драми, туку како еден универзален поглед, како закана со катастрофа токму од библиски вид. Уредникот на ревијата „Енекен“, во која се појави печатеното, грчко издание на расказот, одлично ги прочита слоевите на политички ангажман и постави жестока илустрација од нацистичката историја на човештвото. Запретани во наративот кој го фокусира Бога како врвен демијуршки, сомилосен и етички ентитет, овие политички слоеви се длабок поттекст на прозата - вели Османли за Факултети.мк.
Пред извесно време еден прекрасен текст под наслов „Македонско, а наше“ беше објавен во загрепски „Новости“, во кој се направи одлична промоција на македонската книжевност, а чиј автор пишуваше за бројот на македонски писатели што се преведуваат во постјугословенскиот простор, заклучувајќи дека тој број не е занемарлив... Османли се согласува со констатацијата дека македонските писатели си го наоѓаат патот до публиката во регионот и вели дека му е познат овој текст, напишан од, според него, еден од најдобрите познавачи на актуелната книжевна состојба во нашиов регион.
- Авторот Саша Ќириќ води една сјајна емисија на Радио Белград 2 која се вика „Околу Балканот“ или „Окото на Балканот“ и веќе ги претстави сите порелевантни дела и имиња на современата регионална, па и на актуелната македонска литература. Имав чест токму деновиве авторот на емисијата по третпат да ме покани на претстојно учество во врска со неодамнешната објава на мојата книга „Светилка за Ханука“ во Србија. Задоволство ми е, речиси редовно слушајќи ја, да посведочам каков рамноправен третман добива македонското прозно и поетско творештво во однос на другите екс-југословенски, но и грчки, бугарски, романски и албански автори чии дела се преведени и објавени на „заедничкиот јазик“... Во таквите препознавања на нашиот современ книжевен миг помага, пред сѐ, квалитетот на дел од новите книжевни творби, успешните претставувања на делата, но и на нашите автори по книжевните фестивали, промоции и резиденции низ балканските средини, но и дејноста на фондот за поддршка на објавување македонски книги во странство и, секако, личните релации што авторите ги воспоставуваат со издавачките куќи низ регионот. Нам тој простор, во кој спаѓаат пред сѐ екс-југословенските средини, но и другите државни на Балкан во најширока смисла на зборот, ни е битен зашто е културен простор со широки книжевни застапености. Тој простор им овозможува на авторите да не попаднат во ентропијата што е секогаш опасност при секое затворање, во секоја, но особено во една мала и сепак поскромна книжевна средина.
Секое претставување на тој простор е суштествено за нашата книжевна виталност. Тоа нѐ прави сврзани, мотивирани, комуникативни, па и естетски конкурентни - смета Османли.
Според него, таа соработка се должи на ревитализирање на некогашните врски што постоеле во низа форми и организации во поранешната сојузна држава.
- Регионот како културен простор, како кај големите маси во физиката, и самиот носи сили од старата гравитација; тој памети, како впрочем и самата култура која има своја историја и испреплетена меморија. Накусо, и покрај сите недоразбирања, судири и полемики што избликнуваа, повеќе како страст и слободољубив порив на уметниците и на другите интелектуалци со силен интегритет, ние сме биле органски поврзани и тие врски, базирани на сродности, не престануваат да зрачат. Сега на овие, пригодни начини, низ размената за преводи на книги, филмски соработки, театарски гостувања, а утре и во нови форми на соработки, поврзувања и размени - вели писателот.
Од културата како елитна вредност политичките персони зазираат
Добро е познато дека најголемиот предизвик за малите јазици е да ги поминат границите и тоа е многу важно за една мала земја со ограничено јазично подрачје, но за да се оствари тоа, потребна е промислена културна политика, каква што според Османли не постои.
- Ниту еден премиер последниов четврт век не појмил дека токму уметноста, литературата, со еден збор елитната креативна култура е клучниот ресор и поле на дејство и на афирмација на Македонија. И не му пришол на овој сектор како на највисоката вредност на оваа земја. Обратно, во нивните очи ресорот култура е спореден, страничен и затоа е само простор за кадровски наддавања, партиски пополнувања и октроирања залудни министерски статуси. Од друга страна, под култура врхушките го подразбираат најпопулистичкиот дел од неа. И логично, зашто не ја познаваат ниту културата како духовна бит на еден народ и на плејадите негови елитни творци, со еден збор на културата како европска вредност.
Од културата како елитна вредност овој тип политички персони, едноставно - зазираат. Поради сето тоа, имаме кадровски инфлации во ресорот: смена на пет министри, само последниве пет години, проекти - некои важни, а некои клучни - што бидуваат ентузијастички започнувани, а потоа оставани на полпат, слично на вечниот „Коридор 8“ во физичкиот сообраќај; и, често, министри кои не што никој не ги знае, туку што и самите не го познаваат сложениот процес наречен култура. А како по правило, оние што го знаат, бидуваат, Господ знае зошто, преку ноќ менувани. Нам ни се потребни просветувања на политичките лидери на партиите и на државата. Македонија е земја на слаби лидери и на силни, напати исклучителни уметници и интелектуалци - смета Османли, кој освен што се занимава со литература, долги години работеше во медиумите како новинар и уредник.
Културната соработка во регионот може да донесе позитивни ветришта и во политиката
Според него, културната соработка во регионот веројатно донекаде може да донесе и некои нови позитивни ветришта и на друго ниво, политичко, на пример. Но тој не верува во кампањски пристапи.
- При првото топење на мразот со Грција тука дојде Теодоракис и со Македонската филхармонија го диригира своето капитално музичко дело „Зорба, Гркот“, имавме и неколку наши авторски гостувања на тамошните театарски сцени, и на тоа се заврши. Тогаш се лансира и поимот „културна дипломатија“, но излезе дека таа имаше слаб здив. По тоа убаво започнато искуство, политичките конфликти одново го презедоа приоритетот. Јас верувам во органски, автентично литературни и културни, не во дневнополитички мотивирани поврзувања. Е, тие поврзувања треба засилено да ги помагаат и ресорите на културите што се определиле за соработки. Тие се виталните начини на културна соработка - заклучува Томислав Османли.