X
 07.03.2020 Технологија

Системот со кој ИКЕА го сведува својот отпад на минимум

Мебелот на ИКЕА е толку популарен, што може да го најдете во многу домови, во огласи за продажба на старо и во кафулињата. Шведската компанија продава производи вредни 44,6 милијарди долари годишно. Приближно еден од десет купени производи се враќа од страна на купувачите, а 15% од овие производи стануваат отпад.

Компанијата неодамна го претстави својот нов метод за справување со вратените производи, а тој вклучува вештачка интелигенција. Станува збор за поголема стратегија на ИКЕА за да го намали ослободувањето на јаглероден диоксид.

Џеспер Бродин, извршен директор на „Ингка груп“, компанијата која е одговорна за продажните погони на ИКЕА, изјавил дека компанијата планира да стане „позитивна за климата“ до крајот на деценијата. Компанијата издвоила приближно 223 милиони долари за иницијативата и ветила дека ќе работи на алтернативи за ефикасно користење на енергијата за некои од своите најпознати производи.


Фото: Pixabay

Отпадот претставува специфичен проблем за компанијата. Кога еден производ ќе излезе од продавницата на ИКЕА, компанијата не може да знае дали тој ќе биде вратен, ќе биде фрлен или ќе биде подарен. Затоа, компанијата се обидува првин да го спречи фрлањето на предметите.

ИКЕА инсталирала платформа развиена од софтверската компанија „Опторо“ на 50 локации низ САД изминатата есен, како што пренесе „Вол стрит џурнал“. Засега платформата ги покрива вратените предмети што се купени од продавниците, но се очекува таа да се примени и на онлајн-нарачките.


Фото: Pixabay

Како функционира платформата? Таа ја предвидува најверојатната дестинација за вратената стока, односно дали ќе биде поставена во продавницата, ќе се стави на веб-страницата, ќе се донира или ќе му се продаде на друг продавач. Алгоритамот ги прави овие пресметки врз основа на она што е најдобро за профитот на компанијата.

Софтверот не зависи многу од вработените во ИКЕА, освен во раните фази на процесирањето. Од продавачите се очекува да внесат основни информации за вратените производи, како и да ја објаснат состојбата во која тие се вратени. Според ова, системот одлучува која е иднината на производот. На овој начин компанијата се обидува да го сведе на минимум отпадот.

Автор: Иван Никол Браун
Извор: Fastcompany.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија