X
 07.04.2021 Наша тема

Нѐ полудува хаосот од информации за вакцините против Ковид-19! Има ли помош?

Во морето од информации, стручните лица советуваат да се остане присебен и да се следат исклучиво научните вистини. Да не дозволиме од дрвото да не ја видиме шумата

Денес за помлади, утре само за возрасни, па може и за хронично болни, ама не за сите, одобрени, неодобрени, со живи или мртви вируси, една држава едно, друга со поинаква одлука... За вакцините против Ковид-19 секојдневно слушаме различни информации. Научниците велат, нормално е, вакцините се нови. Но, кога на различните информации ќе се додадат и многу дезинформации, лажни вести, недоверба, страв и паника... многумина велат - ќе полудиме. Може ли да се избегне стресот во вакви околности, кога во нив се и секојдневната грижа за блиски болни, починати и за тоа кога ќе се вакцинираме, како, со што...

Граѓаните честопати се доведени во ситуација да не знаат на што и во што да веруваат.
Психичка напнатост трае предолго.
Во морето од информации, експертите, сепак, советуваат да се остане присебен и да се следат исклучиво научните вистини. Сметаат дека само релевантни извори и информации ќе можат позитивно да влијаат врз луѓето, а истовремено тоа да влијае врз нивната грижа, како за физичкото така и за психичкото здравје.


Фото: Борче Поповски

Да не дозволиме од дрвото да не ја видиме шумата

Д-р Васка Митова, психијатар на Клиниката за психијатрија во Скопје, вели дека во екот на третиот бран на пандемијата, кој е прилично агресивен, во фокусот на вниманието се токму вакцините.
- Тие се проследени со голема доза на надеж, но и несигурност. Препораките се навидум конфузни за населението, особено околу една вакцина кон која имаше контрадикторни препораки (прво дозволена кај помлади, потоа кај повозрасни лица...). Истовремено, преголемата застапеност на лажни информации дополнително придонесува за генерирање недоверба. Но, доколку се следи научната јавност, сето тоа има смисла, која веројатно не е доволно јасна за општата популација, а со тоа и недоволна за смирување на немирот кој ја придружува недовербата кон вакцините. Но, да не дозволиме од дрвото да не ја видиме шумата - вирусот е опасен и друг излез нема - посочува Митова.


Д-р Васка Митова

Ништо не трае вечно, ќе издржиме

Дополнително, според неа, секојдневните информации за трагични случаи, како и личните загуби на блиски лица, ги потенцираат постојната вознемиреност, чувството на несигурност, страв, анксиозност, несоница, појава на тага која неретко прогресира во депресивна симптоматологија.
- Следиме и појава на посттрауматско растројство, особено кај лица што се бореле за живот и кои се сведоци на тежината на борбата. Замислете како на тие лица и на нивните фамилии им звучат сите тие теории на заговор, антивакцинални кампањи, кампањи против носење маска, против спроведување мерки. Свесни сме сите дека предолго трае оваа закана, која ни ги исцрпува индивидуалните капацитети за справување и влијае врз нашето ментално здравје. Но, војна е, да се однесуваме соодветно - да не градиме илузија на нормално време. Фокусот да ни биде кон она што можеме да го правиме, а е безбедно и одговорно. На пример, физичката активност позитивно влијае и врз расположението, а доколку се практикува во природа, тоа е и безбеден начин на комуникација со пријателите. Да посветуваме време и внимание на фамилијата, како и на себеси. Да се трудиме со разум да им пристапуваме на пласираните информации, не сè што е на интернет е вистина. И да запомниме - ништо не трае вечно, ќе издржиме - објаснува Митова.

Стравот не е изговор за следење непроверени информации

Според Иво Куновски, психолог од Клиниката за психијатрија, сведоци сме на повеќе од една година обиди за справување со пандемијата, која продолжува да биде еден од главните причинители на стрес на глобално ниво.

- Верувам дека неодамнешниот развој на вакцините против Ковид-19 за многумина конечно ја потхрани надежта дека се најавува почетокот на крајот на сето ова. Но, разните информации што периодов се шират околу ефектот на вакцините и двоумењето околу процесот, сепак, не се нова тема на дебата во јавноста. Уникатно во оваа реактуализирана дебата околу вакцинацијата е фактот што овој пат зборуваме за вирус кој е потенцијалната закана за многу од нас. Несигурноста во процесот може дополнително да ја интензивира нашата вознемиреност, стравот и загриженоста, кои веќе се присутни до одреден степен. Секако дека овие доживувања се валидни. Но, се надевам дека тоа нема да е нашиот изговор за следење псевдонаучни или какви било непроверени информации, кои не би ни помогнале во справување со ситуацијата - вели Куновски.


Иво Куновски

Психологот посочува дека примањето на вакцината е на доброволна основа.

- Јас би претпочитал да се следат мислењата и препораките на стручните лица, кои многу подобро ја разбираат оваа тема од мене. Од овие мислења да се разгледаат придобивките, но и потенцијалните ризици, од примањето или, пак, непримањето на понудените вакцини. Се надевам дека на овој начин би можеле да носиме поразумни и подобро информирани одлуки за сопственото здравје и здрајето на луѓето околу нас - порачува Куновски.
Подготвил: Радмила Заревска / radmila.zarevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема