X
 07.05.2019 Технологија

Откриен пропуст во лаптопите на „Дел“ - проверете дали и вашиот го има овој проблем

Вашиот нов лаптоп обично доаѓа со многу апликации што не ви се потребни, а често ви го забавуваат компјутерот. Но, овој пат апликација што претходно била инсталирана од самиот произведувач предизвикува сериозен безбедносен ризик - и затоа треба веднаш да го ажурирате или избришете „SupportAssist“.

Апликацијата е инсталирана на повеќето уреди на „Дел“ што имаат оперативен систем „Виндоус“ и се смета дека е првата автоматизирана проактивна технологија, меѓутоа, е ранлива на хакирање уште од минатиот октомври, вели Бил Демиркапи, 17-годишен истражувач за сајбер-безбедност. Не е познато зошто поправката на апликацијата пристигнува дури сега.

Демиркапи на својот блог наведе дека „SupportAssist“ има администраторски пристап на „Виндоус“ и е дизајниран за автоматска инсталација на софтверски надградби на вашиот компјутер. Младиот истражувач успеал да го открие начинот на кој хакерите ја злоупотребуваат апликацијата, што на хакерите им овозможува да инсталираат нешто што подоцна можат да го искористат за да ви влезат во компјутерот.

Но, како што вели Демиркапи, ова може да функционира само ако хакерот е на истата локална мрежа како вашиот компјутер, на пример, на иста безжична конекција.

Проблемот може лесно да се реши - или избришете ја апликацијата или ажурирајте ја.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија