X
 27.09.2021 Наша тема

Проф. Николчо Велковски: Опожарените површини треба повторно да се пошумат

Примената на дронови, камери, контролни станици, изградбата на набљудувачници, воспоставувањето електронски систем на следење на дрвната маса која се извезува од шумата, откривањето и казнувањето на оние што прават штети во шума и оние што предизвикуваат пожар и други заштитни и контролни активности можат многу да помогнат во заштитата и зачувувањето на шумите, вели професорот Николчо Велковски, професор на Шумарскиот факултет во Скопје

Пожарите зафатија огромни површини на шума. Пеплосаа столетни дрвја, млади иглолисни шуми. Штетите се големи. Економски, еколошки, биолошки. Шумите, како еден од клучните екосистеми на планетата, имаат незаменлива улога во ублажувањето на екстремите од климатските промени. Покрај тоа, тие се дом на многу видови флора и фауна, а ползата од нив ја чувствуваме сите. Но сѐ уште не сме доволно свесни за нивното значење.

- Имајќи предвид дека пожарите ќе ги имаме и во иднина, на подолг рок неопходно е да се зголемат капацитетите на институциите за рано откривање опасности од пожар и други штети во шумата, како и за рано интервенирање и сузбивање на опасностите. Во тој дел потребно е опремување, но и обука на персонал - вели Николчо Велковски, професор на Шумарскиот факултет во Скопје.


Проф. Николчо Велковски

Огромни површини на шуми изгореа во пожарите, речиси низ цела Македонија. Какви штети направи пожарот врз шумите? Што бележат Вашите сознанија и статистики?

- Штетите од пожарите се големи. Тие не се само економски, кои произлегуваат од опожарувањето на дрвната маса, туку и еколошки, кои произлегуваат од загадувањето на атмосферата и деградација на почвата, а и биолошки, кои произлегуваат од загубата на биолошката разновидност, нарушување на природните живеалишта на видовите итн. За жал, пожарите се речиси редовна појава на територијата на нашата држава и во различен број и обем ги имаме секоја година. Честопати тие не зафаќаат големи размери и навремено се гасат, но има ситуации кога тие не може да се контролираат и изгаснат навреме, па тогаш зафаќаат големи површини и прават големи штети. Особено се опасни кога зафаќаат млади иглолисни шуми, кои се лесно подложни на горење. Таков случај беше последниот пожар во Малешевско-пијанечкиот Регион, а и пред тоа на локалитетот Паркач во Малеш, потоа шумите покрај патот Битола - Ресен и на многу други места.

Како што споменав, пожари имаме многу често и одамна се проблем не само во управувањето со шумите, туку претставуваат опасност за целата заедница. Ги имало и порано, а веројатно ќе ги има и во иднина. Она што загрижува во последните години е обемот на пожарите, бидејќи за релативно кратко време горат големи површини под шума. Некако сè почести се комбинираните и високите пожари, кои се тешки за гаснење и кои предизвикуваат големи штети.



Како човек кој е упатен во оваа проблематика и експерт за шуми, што советувате да се преземе за да се подобри статусот на шумите сега, а што на долг рок... Како да се ублажат штетите од пожарите?

- За да се подобри статусот на шумите, треба да се зголемат грижата и заштитата на шумите. Она што на краток рок и што треба да се прави веднаш е зголемена контрола и надзор во шумите, како со физичко чување така и со примена на посовремени средства за рано детектирање опасност од пожар, но и спречување други штети во шумите, како бесправни сечи итн. Примената на дронови, камери, контролни станици, изградбата на набљудувачници, воспоставување електронски систем на следење на дрвната маса која се извезува од шумата, откривање и казнување на оние што прават штети во шума и оние што предизвикуваат пожар и други заштитни и контролни активности можат многу да помогнат во заштитата и зачувувањето на шумите.

Имајќи предвид дека пожарите ќе ги имаме и во иднина, на подолг рок неопходно е да се зголемат капацитетите на институциите за рано откривање опасности од пожар и други штети во шумата, како и за рано интервенирање и сузбивање на опасностите. Во тој дел потребно е опремување, но и обука на персонал.

Климатските промени ѝ нанесуваат сè поголем удар на планетата... Од какво значење ни се шумите во овие неизвесни и бурни години и колку сме свесни за нивната важност?

- Климатските промени се евидентни и сè почесто ги чувствуваме, за жал, главно во негативен контекст. Во одредени региони имаме обилни врнежи, во други долготрајни суши и сето тоа негативно се одразува врз целиот растителен и животински свет. Сите живи организми природно се предодредени да егзистираат во одредени оптимални услови. Колку повеќе се нарушуваат овие оптимални природни услови, толку повеќе тие се ранливи и се загрозува нивната егзистенција. За жал, и сите сценарија за идните климатски промени укажуваат на зголемување на температурите, нарушување на распоредот на врнежи, зголемување на загаденоста на атмосферата и нејзино затоплување, како и можност за други природни катастрофи. Шумите, како еден од клучните екосистеми на планетата, имаат незаменлива улога во ублажувањето на екстремите од климатските промени. Покрај тоа, тие се дом на многу видови, а ползата од нив ја чувствуваме сите. Сметам дека, за жал, сѐ уште не се сме доволно свесни за значењето на шумите за нашиот опстанок иако свесноста за тоа се зголемува. Останува да се видат конкретни мерки за грижа и зачувување на шумите.



Како да ги заштитиме и зачуваме?


- Заштитата на шумите треба да биде континуирана. Редовните контроли, спроведувањето мерки за нега на шумите, техничкото опремување, зголемувањето на капацитетите на сите институции и на оние што имаат работна обврска да ги чуваат шумите, како и казнувањето на оние што прават штети во шумите може значително да помогнат во заштитата и зачувувањето на шумите.

Ако направиме паралела, во која линија се движат шумите? Од година на година се зголемува или се намалува површината на шумите? Што велат бројките?


- Според податоците од Заводот за статистика на РСМ, имаме зголемување на површините под шума. Тоа главно се должи на способноста на шумата за природно обновување, но и на одредени мерки за подигнување нови шуми, кои секоја година ги спроведуваат субјектите што управуваат со шуми. Сепак, според одредени сателитски снимки, на многу места се евидентира и загуба на шума. Така, во државата имаме два процеса, едниот е во насока на создавање нови шуми, а другиот во насока на губење шуми, што главно се случува како последица на пожарите и бесправните сечи.

Каква промена посакувате да иницирате, кога станува збор за шумскиот трезор?


- Посакувам поголема грижа и заштита на шумското богатство. Тука, пред сè, мислам и на грижата за младите шуми, која во моментот е недоволна. Доколку редовно се преземаат мерки за нега на младите шуми, тие ќе бидат поотпорни на климатски промени, а и опасноста од појава на големи (комбинирани или високи) шумски пожари ќе биде помала.

Активностите за подигнување нови шуми треба да се изведуваат плански и стручно со соодветен избор на видови дрвја. Притоа, при пошумувањето потребно е поголемо учество на широколисни видови, кои се поотпорни на климатски промени и на штети од шумски пожари. Се залагам за повторно пошумување на сите опожарени површини и создавање мешани шуми, кои понатаму ќе бидат соодветно негувани.

Се надевам и на поголема свест кај сите за значењето на шумите и дека во иднина ќе имаме помалку пожари и помалку штети, а поголеми површини под шума.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема