Преку издавачката куќа Cambridge Scholars Publishing од Лондон, Велика Британија, објавена е новата научна монографија „IoT техники за дигитален мониторинг во земјоделството и проценка на хранливи материи во почвата“ (IoT Techniques for Digital Agriculture Monitoring and Soil Nutrients Assessment), која претставува продолжение на истражувачката дејност во областа на дигиталното земјоделство, отпочната со првата монографија за дигитална исхрана на растенија (Digitalization of Plant Nutrition Using IoT Techniques) објавена од истиот издавач оваа година. Со ова дело научниот тим го проширува пристапот кон дигитализацијата на земјоделските процеси, со фокус на интеграција на IoT технологии во процената на плодноста на почвите и мониторингот на растителното производство.
Монографијата е резултат на интернационален научен соработнички проект и обработува теми поврзани со примената на напредни IoT технологии за мониторинг на земјоделското производство, процена на плодноста на почвите и оптимизација на исхраната на растенијата во согласност со принципите на прецизното и одржливо земјоделство.
Авторскиот тим го предводеше проф. д-р Марина Т. Стојанова, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Останатите членови на тимот се: акад. проф. д-р Драгутин А. Ѓукиќ, Агрономски факултет, Универзитет во Крагуевац, Србија, д-р Моника Стојанова, Здружение „Отворена наука“, Македонија, проф. д-р Азиз Шатана, Земјоделски факултет, Универзитет Ерџиес, Турција.
Монографијата обработува клучни аспекти на примената на современи сензорски, аналитички и автоматизирани технологии за добивање прецизни и навремени податоци поврзани со почвените својства и потребите на културите. Опфатени се теми поврзани со мониторинг на макро- и микроелементи, анализа на агрохемиски параметри, процена на плодноста во реално време, како и стратегии за приспособено и одржливо ѓубрење.
Особено е нагласена примената на Internet of Things (IoT) уреди и платформи како дел од Четвртата индустриска револуција, при што дигиталните технологии добиваат сè поголемо значење во обезбедувањето ефикасно, конкурентно и еколошки одржливо земјоделско производство.
Со оваа монографија авторите упатуваат јасна порака за неопходноста од технолошка трансформација на земјоделскиот сектор, како предуслов за приспособување кон глобалните предизвици – безбедност на храна, климатски промени, оптимално управување со ресурсите и зголемена продуктивност.
Делото е наменето за истражувачи, наставници, студенти, земјоделски инженери, технолози, земјоделски експерти и практичари кои се вклучени во процесите на дигитализација на земјоделството и примена на прецизни, базирани на податоци, земјоделски практики.