X
 23.12.2019 Култура

Монографијата „Остани во чекор“ – круна на одбележувањето 70 години „Танец“

Во чест на 70-годишнината на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, во петокот (20 декември), во фоајето на Македонскиот народен театар беше промовирана новата монографија „Остани во чекор“ од Кирил Тодевски. Оваа луксузна книга, која е во издание на „Арс Ламина“, е посветена на антологиските кореографии од репертоарот на „Танец“. Таа е двојазична, на македонски и на англиски јазик. Преводот на англиски го направи Марија Џонс. Фотографиите за насловната страница ги направи фотографката Маја Аргакијева.



На промоцијата, која му претходеше на големиот новогодишен концерт во МНТ, уметничката директорка на „Танец“ и координатор на проектот „Остани во чекор“, Бранка Костиќ-Марковиќ, изјави дека насловот на монографијата е во чекор со мотото на целата јубилејна година. Во книгата, покрај авторскиот текст на познатиот македонски етномузиколог посветен на десетте антологиски кореографии од репертоарот на „Танец“ (кореографиите „Тешкото“, „Невестинско“, „Комитско“, „Седенка“, „Драчевка“, „Осоговка“, „Водарки“, „Тресеница“, „Тропнало оро“ и „Свадба“), се поместени и сите нотографии на кореографските постановки направени од музикологот Марко Коловски. Изборот на историските фотографии од архивата на „Танец“ го направи Светлана Ќириќ. Стручната редакција од етномузиколошки и етнокореолошки аспект беше задача на Катерина Кузманоска и на Костиќ-Марковиќ.

- Да се остане во чекор и со традицијата и со модерното време е голем предизвик, но „Танец“ успева во тоа. Доказ е и оваа монографија, која ги обединува архивските материјали и новите фотографии, на еден неконвенционален и современ дизајнерски начин, кој веруваме ќе допре со својата убавина до сите љубители на музичко-сценскиот фолклор, но и до оние што првпат се среќаваат со македонската култура. Ваквото луксузно и содржински богато издание секој би го посакал како сувенир. Издавачката куќа „Арс Ламина“ знае да ги препознае и поддржи вистинските вредности и да ги „спакува“ соодветно - рече Костиќ-Марковиќ.



Директорот на „Танец“, Мартин Вучиќ, нагласи дека овој ансамбл е македонски бренд, подвижен музеј со илјадници концерти дома и надвор, со огромен фонд на народни ора, песни, инструментални мелодии, оригинални носии и прекрасни кореографии. Тој е еден од клучните чувари на македонската духовна култура, но и нејзин промотор и современ интерпретатор“.

- „Танец“ има поставено високи стандарди на негување и обработка на македонската песна, игра и свирка уште во 1949 година и ревносно ги почитува сиве овие години. Воопшто не е едноставно истовремено да се биде блиску до изворот и паралелно да се наметнуваат новите уметнички форми на третирање и презентација на фолклорните добра. Целата наша програма во јубилејната година беше конципирана и реализирана според овие начела и сметам дека успеавме во тоа зад нас да оставиме сезона за почит и гордеење - рече Вучиќ.

Бранка Бугариска, директорка на издаваштвото во „Арс Ламина“, истакна дека оваа монографија заслужува проминентно место во секоја библиотека, обележувајќи го не само големиот јубилеј, туку и широкото значење што „Танец“ го има во развојот на македонската култура и уметност.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура