X
 30.01.2018 Образование

Партиските интереси подалеку од врaботувањата на наставниците – децата се најважни

Колку нерешени кадровски прашања има во основното образование, како тие ќе се решаваат на локално и на централно ниво? Како последица на сите нерешени состојби, еден клас второодделенци од Основното училиште ,,Димитар Поп Георгиев-Беровски“ во скопската општина Ѓорче Петров минататa недела ја бојкотираа наставата


Празната училница во ОУ „Димитар Поп Георгиев-Беровски“

Наставници на определено време, симпатизери/членови на една или на друга политичка опција, смени на власт, кадровски промени, можности за нефер игри. Колку нерешени кадровски прашања има во основното образование, како тие ќе се решаваат на локално и на централно ниво?
Како последица на сите нерешени состојби, еден клас второодделенци од Основното училиште ,,Димитар Поп Георгиев-Беровски“ во скопската општина Ѓорче Петров минататa недела ја бојкотираа наставата. Револтирани од ненајавената смена на двајцата наставници за време на зимскиот распуст, родителите решија да не ги пуштат своите деца на училиште. По договорот со претставници од Општината, децата ја продолжија наставата. Една од мајките на 31 дете за Факултети.мк коментираше:
- Во Законот е предвидено дека на децата може често да им се менуваат наставниците. Тоа мора поинаку да се реши. Овој тренд во образованието мора да прекине – вели таа.

МОН: Секоја година се распишувале огласи за привремени вработувања

Како да се надминат актуелните состојби? На наставник му завршил договорот за определено време, надлежните не сакаат да му го продолжат, а родителите бараат истите наставници да се вратат на работа. Какви се надлежностите на Министерството за образование и наука во поглед на ова прашање?
- МОН единствено дава согласност за распишување на конкурсите и нема поврзаност со селекцијата на апликантите за нивно вработување, која се врши во рамките на училиштето и е во надлежност на директорот – велат од секторот за односи со јавноста при МОН.
Тоа е дефинирано во членот 130 од Законот за основното образование.

МОН: решение е трајно вработување на наставниот кадар

Од МОН велат дека проблемот со честите промени на наставниот кадар настанал со тоа што секоја година биле распишувани конкурси за вработувања во училиштата како последица на политиката на претходната влада со донесената одлука за вработување на наставниот кадар на определено време.
- Изминатата година, поради изборите, во месец септември беа распишани конкурси со вработувања на 3 месеци, а подоцна беа распишани конкурси до крајот на школската година. МОН позитивно одговори на најголем дел од барањата на општините и даде согласност за вработување на наставен кадар во сите основни и средни училишта и планира трајно да го реши проблемот со привремените вработувања на наставниот кадар.
Во однос на селекцијата на наставниот кадар, ставот на МОН и наша препорака е секогаш првенствена грижа да бидат интересите на учениците – велат тие.
Од МОН се децидни дека проблемот со договорите за вработување на определено време планираат да го решат и да го надминат преку давање согласности за трајно вработување на наставниот кадар.

Александар Наумоски, градоначалник на Ѓорче Петров: Најважно е што дечињата се вратија во клупите

Во случајот со училиштето ,,Димитар Поп Георгиев-Беровски“, логична е претпоставката дека наставниците на договор на дело биле ангажирани од претходната политичка власт. Родителите тврдеа дека случајот нема политичка заднина. Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски, не би сакал да навлегува во тоа дали состојбата има заднина.
- Се надевам дека не е така. Најважно е што дечињата се вратија во училницата и наставата нормално се одвива. Но, без разлика, политиката треба и мора да биде исклучена од ваквите и слични ситуации, особено кога станува збор за деца. Апелирам за тоа и ќе се залагам, како и досега, така да биде и во иднина – вели Наумоски.


Александар Наумоски, градоначалник на Ѓорче Петров

На прашањето како планира да се справува со привремените решенија на кадарот во образовните институции, тој објаснува дека законското решение овозможува трансформација на работниот однос од втората до петтата година од работењето во институцијата.
- Значи, првите две години кадарот е на определено време. Во ситуацијата, станува збор за едногодишни договори на определено време кои не беа продолжени, а на местото на тие наставници се поставени стручни и професионални лица. Но, доколку дојде до измени на законската регулатива, ние, како локална самоуправа, стоиме на располагање да постапуваме и понатаму, како и досега, во согласност со законските рамки – вели Наумоски.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование