Неверојатна сцена од Антарктикот, на која околу 700 млади царски пингвини скокаат од 15-метарска ледена карпа во водите на Јужниот Океан, беше објавена како дел од новата документарна серија на „Нешнл џиографик“.
Снимката ја направил Берти Грегори со дрон во јануари 2024 година во заливот Атка, за време на снимањето на документарната серија „Тајните на пингвините“ (англ. „Secrets of the Penguins“).
На снимката се гледа како стотици млади царски пингвини се собираат на работ од високата ледена плоча. По извесно двоумење, еден од пингвините скока во ледените води. Откако излегува на површината и почнува да плива, преостанатите почнуваат да го следат неговиот пример.
За младите царски пингвини, ова е важен момент во животот. На околу 5-месечна возраст тие го губат сивиот, пердувест слој и добиваат водоотпорни перја, што им овозможува да влезат во морето и самостојно да почнат да се хранат.
Вообичаено, пингвините во водата влегуваат од ниски рабови на морскиот мраз, од висина од само десетици сантиметри. Меѓутоа, оваа група се нашла на врвот на ледена плоча висока околу 15 метри, па нивното спуштање во океанот изгледало многу поопасно.
Снимката на Грегори е исклучително значајна бидејќи го документира целиот момент од воздух и е направена за потребите на телевизиска документарна продукција. Пред повеќе од 30 години физиологот Џералд Којман забележал сличен настан во кој учествувале околу 2.000 пингвини.
Зад необичната сцена, сепак, се крие и сериозна причина за загриженост. Царските пингвини традиционално ги одгледуваат своите младенчиња на стабилен морски мраз. Но, со намалувањето и сè почестото топење на морскиот мраз, некои колонии се принудени да се преместуваат на повисоки и постабилни ледени површини.
Научниците предупредуваат дека климатските промени и загубата на морскиот мраз може да имаат сериозни последици врз царските пингвини. Слични сцени во иднина би можеле да станат почести доколку продолжи намалувањето на нивното природно живеалиште.
Извор:
Nova.rs
Фото: National Geographic/YouTube/Screenshot