07.10.2026
Живот
Вакцинацијата против сезонски грип ќе почне од втората половина на октомври
Министерот за здравство Сашо Клековски во денешната изјава за мeдиумите информира дека оваа година Светската здравствена организација ги промени сите три соја во препорачаниот состав на вакцината против сезонски грип за северната хемисфера.
- Ваквата промена е невообичаена и предизвика доцнење во производството кај производителите на глобално ниво. Поради тоа, во повеќе земји во Европа и регионот почетокот на вакцинацијата се очекува во ноември. Во нашата држава тендерот за набавка на вакцини вообичаено се објавува во периодот јуни–август, по објавување на соевите од СЗО. На објавениот тендер оваа година не се пријави ниту еден понудувач. Министерството веднаш презеде мерки за обезбедување на вакцините по друг пат. Во последните три сезони вакцинацијата кај нас започнуваше во периодот од 16 до 25 октомври. Министерството за здравство ќе биде подготвено вакцинацијата да започне и оваа сезона во истиот период. Од планираните 80.000 дози, 56.000 вакцини се веќе обезбедени или се во постапка на обезбедување, а активностите за обезбедување на преостанатите количини продолжуваат - посочи министерот Клековски.
Бесплатната вакцина е наменета за приоритетните групи: лица над 65 години, хронично болни, бремени жени и здравствени работници. Граѓаните ќе бидат навремено информирани за почетокот на вакцинацијата и начинот на закажување.