Минатата година го означи почетокот на периодот на вселенски туризам, кој може да привлече многу авантуристи што ќе можат да си дозволат ваков мултимилионски ангажман.
Благодарение на компаниите „Спејс екс“, „Блу ориџин“ и „Вирџин галактика“, ерата на вселенски туризам официјално започна. Досега патувањето во вселената беше резервирано само за астронаутите, но сега е отворено за сите - поточно за сите што можат да си го дозволат бидејќи за оваа животна авантура потребни се многу пари.
Можеме да кажеме дека камен-темелникот на вселенскиот туризам беше поставен минатата година - на 11 јули Ричард Бренсон, основачот на „Вирџин галактика“, полета до работ на вселената. Во текот на летот од околу еден час, ракетата „Јунити“ достигна височина од 90 километри, а вселенските туристи на неколку минути ја почувствуваа бестежинската состојба. Само десет дена по него, Џеф Безос ги исполни своите вселенски соништа. Во вселенското летало „Њу Шепард“, изградено од неговата компанија „Блу ориџин“, тој отиде во вселената достигнувајќи височина од 107 километри.
Важна улога во развојот на вселенскиот туризам има и Илон Маск. Иако тој сè уште не летал во вселената, неговото вселенско летало „Спејс екс“ успешно превезува туристи во вселената и астронаути до Меѓународната вселенска станица.
Според процената на швајцарскиот финансиски холдинг „Ју-би-ес“, моменталниот потенцијал на вселенскиот туризам е 4 милијарди долари, додека процената на потенцијалот за вселенски туризам во 2019 година беше 3 милијарди долари. Во иднина овие бројки ќе бидат многу поголеми, а според процената на „Норден скај рисрч“, до 2031 година приближно 57.000 патници ќе летаат во вселената. Вредноста на пазарот тогаш би требало да биде повеќе од 20 милијарди долари, а најголемиот дел од нив ќе бидат приходи од вселенски туристи и патувања во орбитата.
Билети за туристички летови во вселената веќе купиле многу познати личности како Леонардо ди Каприо и Џастин Бибер - тие се дел од групата од околу 700 луѓе што однапред платиле. Кога ќе продолжат летовите на „Вирџин галактика“, Ричард Бренсон верува дека листата на чекање ќе се зголеми на илјада луѓе.
Со оглед на тоа дека за овој облик на туризам ќе се потрошат милијарди долари, постојат неколку начини на кои во иднина ќе може да се заработи пари во оваа нова индустрија. Еден од нив е со инвестирање во компании кои обезбедуваат услуги за летови во вселената и развиваат инфраструктура за нив. Тоа е и одлична можност за компаниите од туристичката индустрија кои можат да организираат летови во вселената. Исто така, веќе се споменуваат приватни вселенски станици и хотели со сите придружни содржини - ресторани, спортски сали, кафулиња итн. Цените за ваквите туристички аранжмани, очигледно, ќе бидат астрономски и резервирани само за оние со најдлабок џеб.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Blue Origin