Д-р Никола Фокс е првата жена главен директор за наука на НАСА и вели дека тоа е најдобрата работа во светот.
Д-р Фокс е од Велика Британија и е поранешна директорка за хелиофизика во оваа агенција, а на крајот од февруари беше назначена за главен научник.
- Ова е работа од моите соништа, не би можела да бидам повозбудена. Кога растете во Хичин, Англија, навистина не сонувате дека еден ден ќе работите во НАСА и дефинитивно не изгледа како нешто што би можело да стане реалност - вели таа.
- Секое утро се будам во 4:30 и одам на работа полна со енергија - вели таа.
Во 2018 година таа почнала да работи во НАСА, во одделот за хелиофизика, каде што го надгледувала истражувањето на Сонцето и како неговите ветрови влијаат врз Земјата и другите планети.
Како што вели, имала среќа да се вработи.
- Работев на постдипломски истражувања на Кралскиот колеџ во Лондон, а на состанокот во Алјаска го презентирав сето она што дотогаш го открив. Моите колеги ме прашаа дали ќе бидам заинтересирана за постдокторска работа во НАСА - вели таа.
- Што и да ве интересира и она што срцето ви кажува дека треба да ве интересира, со тоа треба да се занимавате - додава таа.
Фокс вели дека нејзините родители биле апсолутно воодушевени поради новата работа.
- Кога бев директорка на одделот за хелиофизика, татко ми постојано сакаше да се фали дека ќерка му е директорка на НАСА. На почетокот се срамев и велев дека не е ништо важно и дека не сум директорка, а потоа сфатив дека работам за НАСА и дека нему тоа му е важно - објаснува таа.
Во 2021 година Никола Фокс ја доби наградата „Карл Сејган“ од Американското астронаутско друштво, а една година претходно доби Медал за извонредно лидерство доделен од НАСА.
Вели дека една од предностите на работата во НАСА е облеката што ја добивате.
- Всушност, имам многу маици на НАСА, што е супер. Се чувствувам како дете во продавница за слатки - додава Фокс.
Фото: NASA