X
 07.11.2022 Наша тема

Театрите и кризата - без централно греење и лифтови, намален број на работни часови и редуцирано сценско осветлување, но претстави ќе има

Како и секогаш во време на криза, уметниците наоѓаат начин да се справат со предизвиците. Репертоарот за ноември е пред нас, се потрудивме, со цел да заштедиме струја, да го намалиме бројот на претставите иако есента е време кога публиката обично се враќа во театарот, ни изјави Иван Јерчиќ, директор на Битолскиот театар

Борбата со енергетската и ценовната криза продолжува. Се одразува врз сите сегменти на животот, како и врз функционирањето на институциите. Драстично влијае врз буџетот на многу установи. Се затвораат или редуцирано работат многу објекти и центри, се работи од дома, се преземаат мерки за справување со кризата... Меѓу засегнатите страни се и театрите. Иако проциркулираа информации дека е можно затворање на некои, сепак, театарските уметници ќе ја поминат кризата на сцена, евентуално со намален репертоар.

Се надеваме на зголемување на средствата во иднина

- Што се однесува до вашата информацијата дека МНТ нема да работи, ние како институција можеме да ве информираме дека досега немаме такви информации, напротив, веќе објавивме репертоар за месец ноември, а притоа подготвуваме и нова претстава за декември.
А што се однесува за мерките за штедење, се придржуваме со тоа што е исклучено декоративното осветлување на фасадата на објектот, исклучени се сите лифтови, редуцирано е сценското осветлување и не е активирано централното греење - посочуваат од МНТ.



Иван Јерчиќ, директор на Битолскиот театар, потврдува дека по пандемијата ова е сигурно еден од најсилните удари што им се зададени на културните институции кои работат во полето на изведувачките уметности.

- Но, како и секогаш во време на криза, уметниците наоѓаат начин да се справат со предизвиците. Репертоарот за месец ноември е пред нас, се потрудивме, со цел да заштедиме на енергенти, да го намалиме бројот на претставите иако есента е време кога публиката обично се враќа во театарот. Во декември ќе имаме уште помалку претстави, но сепак нѐ очекува премиера која мора да ја сработиме. Мерките на штедење се однесуваат на намалувањето на часовите на работа, на греењето и потрошувачите на електрична енергија. Како и скратување на сите непотребни проби овие месеци. Во меѓувреме цената на енергентите драстично порасна, така што нашите ресурси автоматски се намалија за повеќе од 60 отсто, така што се надеваме на зголемување на средствата во иднина - истакнува Иван Јерчиќ.


Иван Јерчиќ

Кризата нема да се одрази врз работата на театрите

Министерството за култура ги задолжи националните установи во својата област да ги почитуваат препораките и задолженијата за намалување на потрошувачката на електрична енергија што ги усвои Владата на седница во август годинава.

- Тие препораки во вид на задолженија за штедење најмалку 15 отсто во секоја институција се испратени до националните установи, вклучително и до театрите. Во препораките има наведено начини на кои би можело да се заштеди струја, а Владата редовно прави извештај за тоа како се применуваат мерките и какви резултати се постигнуваат. Досега, во културата и во театрите состојбата е позитивна во однос на штедењето и не се одразува врз редовната работа на театрите, на одржувањето проби и претстави, а некои од националните театри ја реализираат редовната програма со предвидените премиери за овој период од годината. Работата се одвива без прекини и без проблеми. Засега нема најави за какви било рестрикции на репертоарот. Состојбата се следи, со оглед на зголемената цена на електричната енергија, и ако е потребно, ќе се реагира, но во насока да не се штети на работата на театрите и на задоволството на публиката - изјави Марија Зафировска од Министерството за култура.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема