X
 23.11.2024 Живот

Кина ќе изгуби над 50 милиони луѓе во кризата со населението

Во текот на наредната деценија се очекува Кина да изгуби над 50 милиони луѓе со оглед на тоа што падот на населението ќе се забрза, покажува новата анализа.

Се предвидува до 2025 година населението на Кина да се намали од 1,41 милијарди на 1,36 милијарди, рече Ада Ли, висок индустриски аналитичар во „Блумберг интелиџенс“, во прогнозата заснована на податоците на Обединетите нации.

Напорите на Кина, вклучително и ставање крај на децениската политика за едно дете во 2016 година и зголемување на ограничувањето на три деца во 2021 година, не успеаја да го спречат падот на наталитетот. Официјалните податоци од 2023 година открија дека раѓањата се намалуваат седма година по ред, при што смртните случаи се помногубројни од раѓањата втора година по ред.

Долгорочната перспектива е уште помрачна. До крајот на векот населението на Кина ќе се намали за 50 отсто, проценуваат Обединетите нации. Шангајската академија за општествени науки претходно оваа година предвиде уште поостар пад од 60 отсто. Ли истакна дека 2024 година, година на змејoт во кинескиот календар, може привремено да ги зголеми раѓањата бидејќи годината се смета за поволна. Сепак, предупреди дека зголемувањето на раѓањето поврзано со зодијакот историски е краткотрајно и го посочи остриот пад на браковите како причина за загриженост.

Бракот е во силна корелација со раѓањата во Кина и другите источноазиски општества.

Демографот Ји Фуксијан од Универзитетот во Висконсин-Медисон претходно фрли сомнеж врз годините на змејот, посочувајќи дека тие генерално имале занемарлив ефект врз раѓањата во Кина во последните децении.

Демографските предизвици на Кина се влошени и од брзото стареење на населението. Ји предвиде дека оние на возраст од 60 години и постари би можеле да сочинуваат 40 отсто од населението, тренд што може многу да влијае врз економската продуктивност.

До 2035 година пропорцијата на зависни лица во работоспособното население ќе достигне 53 отсто. Почнувајќи од следната година, владата ќе ја зголеми законската старосна граница за пензионирање во обид да ги поттикне постарите Кинези да продолжат да работат.

И соседите на Кина, Јужна Кореја, Тајван и Јапонија, се соочуваат со истите демографски проблеми. Јужна Кореја, која има најниска стапка на плодност во светот со 0,72 раѓања по жена, потроши стотици милијарди долари за да поттикне раѓања, па дури и отвора ново владино министерство посветено на кризата со населението.

Извор: Newsweek.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот