X
 07.12.2019 Живот

Кога почнува новата деценија, на први јануари 2020 или 2021 година?

Полека се приближуваме до крајот на оваа и почетокот на идната година. Ја дочекуваме 2020 година, а со неа и новата деценија. Или, пак, не?

Во последниве години има дебата за тоа кога почнува и завршува една деценија. За некои луѓе следната деценија ќе почне на 1 јануари и ќе заврши на 31 декември 2029 година, додека, пак, за други следната деценија ќе почне на 1 јануари 2021 година и ќе заврши на 31 декември 2030 година. За многу од нас ова може да биде многу збунувачко. Но, што е точно? Дали почетокот на новата деценија треба да го славиме сега или да почекаме догодина?

Ова прашање со сигурност може да предизвика тепачка во бар, смета Џеф Честер, астроном и службеник за односи со јавноста во Американската поморска опсерваторија.

Зошто ова е контроверзно?

Најпрвин, малку историја. Во 1999 година луѓето беа збунети околу почетокот на новиот милениум. Во центарот на спорот беше опсерваторија чии сметања на времето влијаат врз владините сателити, вашиот ајфон и многу други нешта. Ставот на агенцијата беше дека новиот милениум почнува на 1 јануари 2001 година, објаснува Честер. Тоа е затоа што опсерваторијата користи модифициран јулијански ден за мерење на времето. Модифицираниот систем се користи од страна на астрономите и геодезите, кои ја проучуваат големината на Земјата.

Решен проблем, така?

Не толку брзо. Во 525 година еден монах по име Дионисиус Егзигуус сакал да го одреди датумот за Велигден, па составил календарен систем наречен ано домини, кој бил базиран на тоа кога тој верувал дека се родил Исус. Но, поради тоа што датумот на раѓање на Исус бил идентификуван како прва година, а не 0 година, има јаз во времето, објаснува Честер. За ова има многу дебати на интернет.

Поради ова, многу луѓе инсистираа дека новиот милениум почнува на 1 јануари 2000 година. Тоа се дебатираше надолго и нашироко и сите сакаа да кажат нешто. Честер во 1999 година воздивна кога побараа да ги објасни различните датуми.

- Тоа е едно од оние нешта каде што бројките не задоволуваат секого - рече тој.

Дали дебатата доведе до одговор?

И да и не. За разлика од дефиницијата за летното сметање на времето, дефиницијата за деценијата не се води по правни директиви. Но, луѓето дебатираат.

Мордекај-Марк Мек Лоу, куратор во одделот за астрофизика во американскиот Музеј на природна историја, вели дека има два различни начина за одредување деценија.

Прво, тука е модифицираниот јулијански ден, а вториот начин е означување децении водејќи се по традиција и користење. Пример? Повеќето луѓе би рекле дека 50-тите години траеле од 1950 до 1959 година.

- Луѓето сакаат едноставни одговори, но одговорот не секогаш е едноставен - вели Мек Лоу.

И кој е одговорот?

Ако се користи модифициран јулијански ден, 20-тите години на 21 век ќе почнат на 1 јануари 2021 година, смета Мек Лоу.

Но, според Емили Брусер, уредник во „Мерием-Вебстер“, деценијата во народната култура не се дефинира со научни конвенции. Поради тоа, 20-тите ќе почнат на 1 јануари 2020 година и ќе завршат на 31 декември 2029 година.

Како и да е, никој не може да ни забрани да прославиме почеток на нова деценија на дочекот на оваа или на идната година.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот