X
 07.12.2025 Живот

Повеќе мускули и помалку маснотии на стомакот го забавуваат стареењето на мозокот

Истражувачите откриле дека специфичен профил на телото, кој подразбира поголема мускулна маса во комбинација со помал сооднос на висцерални масти, е поврзан со помлада возраст на мозокот. Висцералните масти се скриени длабоко во абдоминалната празнина, опкружувајќи ги виталните внатрешни органи.

- Поздравите тела со поголема мускулна маса и помалку скриени стомачни масти имаат поголема веројатност да имаат поздрав, помлад мозок. Подоброто здравје на мозокот, пак, го намалува ризикот од идни мозочни заболувања, како што е Алцхајмеровата болест - истакнал главниот автор на студијата, д-р Сајрус Раџи, од Институтот за радиологија „Малинкродт“, Вашингтон.

За тековната студија биле испитани 1.164 здрави лица (52 % жени) од четири места, со тоа што им била спроведена магнетна резонанса (МРИ) на целото тело. Просечната хронолошка возраст на учесниците била 55,17 години. Бил користен и алгоритам за вештачка интелигенција (ВИ) за квантифицирање на вкупниот нормализиран волумен на мускулите, висцералната маст (скриената маст на стомакот), поткожната маст (маст под кожата) и староста на мозокот.

Истражувачите откриле дека повисокиот сооднос на висцералната маст и мускулите е поврзан со поголема возраст на мозокот, додека поткожната маст не покажала значајна поврзаност со староста на мозокот.

- Учесниците со повеќе мускули обично имаат помлади мозоци, додека оние со повеќе скриени масни наслаги на стомакот имале постари мозоци. Маснотиите веднаш под кожата не беа поврзани со стареењето на мозокот. Накратко, повеќе мускули и помал сооднос на висцералната маст и мускулите се поврзани со помлад мозок - истакнал главниот автор.

Тој додал дека оваа студија покажува дека здравјето на телото и мозокот се тесно поврзани.

- Ова истражување ги потврди широко распространетите хипотези за поврзаноста помеѓу биомаркерите на телесниот состав и здравјето на мозокот, а и обезбедува основа за вклучување на тие биомаркери во идните испитувања на разни метаболички интервенции и третмани - заклучил авторот.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот