X
 11.09.2021 Наука

Пиењето премногу кафе може да го намали вашиот мозок

Кафето е еден од најпопуларните пијалаци на планетата, по водата, алкохолните пијалаци и соковите од овошје и зеленчук. Постојат многу причини зошто луѓето пијат кафе, но повеќето  го пијат за да ја подобрат функцијата на мозокот.

Всушност, истражувањата покажуваат дека умерената потрошувачка на кафе (3-5 шолји дневно) може да ја зголеми концентрацијата и да ги подобри здравствените резултати со намалување на ризикот од хронични заболувања. Меѓутоа, во ново истражување од големи размери, истражувачите откриле дека пиењето повеќе од шест шолји дневно може негативно да влијае врз работата на мозокот.

Резултатите неодамна беа објавени во списанието „Нутришнл неуросајенс“ од истражувачи од Универзитетот во Јужна Австралија. За да ја разгледаат поврзаноста помеѓу консумирањето кафе и здравјето на мозокот, истражувачите спроведоа перспективна анализа на податоците собрани од „Ју-кеј Биобанк“, која собра детални здравствени информации за повеќе од половина милион учесници во Велика Британија.

Научниците ги анализирале податоците поврзани со 398.646 учесници во „Ју-кеј Биобанк“. Тие го споредиле пријавеното консумирање кафе со кофеин и мерењата на волуменот на мозокот стекнати преку МРИ-скенирање и откриле обратна поврзаност помеѓу консумирањето кафе и вкупниот волумен на мозокот (волуменот на мозокот не е поврзан со интелигенцијата, иако мозокот има тенденција да се намали како што старееме). Покрај тоа, нивната анализа откри дека пиењето повеќе од шест шолји кафе дневно е поврзано со 53 отсто поголема веројатност за деменција во споредба со пиењето 1-2 шолји кафе дневно.

Резултатите се надоврзуваат на претходните истражувања кои покажаа дека пиењето големи количини кафе е поврзано со влошени здравствени исходи, како што се анксиозност и несоница. За среќа, бидејќи повеќето обожаватели на кафето пијат околу три шолји кафе дневно, постои веројатност дека ќе продолжите да уживате во утринскиот пијалак без грижи.

Извор: Massivеsci.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука