X
 08.01.2020 Живот

Луѓето сѐ повеќе сакаат да одат на одмор на студени места. Особено популарни се Антарктикот, Гренланд и Норвешка

Заборавете на Медитеранот и Карибите. Сè попопуларни се дестинациите во студените предели - Антарктикот, Гренланд и Норвешка.

Овие дестинации стануваат сè попривлечни за патниците поради далечината, ексклузивноста и авантурата, откриваат експертите за патувања. За да се задоволи зголемената побарувачка, линиите за крстосување додаваат повеќе маршрути и градат бродови специјално наменети за навигација низ поларните води.

За патувања на места како Антарктикот, Гренланд и фјордовите на Норвешка потребни се многу време и пари. Ова е особено точно за Антарктикот, вели Том Марчант, сопственик и основач на луксузната туристичка компанија „Блек Томејто“ - и тој не очекува тоа да се промени.

Всушност, тој смета дека Антарктикот никогаш нема да понуди други опции за транспорт со кои цената би била намалена.

- На крајот на краиштата, местата се прилично далеку, тешко достапни, диви и со екстремна природна средина - вели Марчант.

Оваа ексклузивност може да биде особено привлечна за богатите милениумски патници кои сакаат уникатни, ексклузивни искуства и авантури.

- Искуството стана валута. Луѓето сакаат да им раскажуваат приказни на пријателите и семејството. Тие сакаат да им кажат: „Бевме во Гренланд и ги видовме сите тие работи“ - вели Рик Медоус, претседател на „Сиборн“.

patuvanje
Фото: Getty Images


Патничките линии создаваат повеќе арктички пловни објекти за да бидат во чекор со побарувачката - а бродовите стануваат сè помали и полуксузни.

Додека бродовите до арктичките дестинации порано биле едноставни експедициски бродови, новиот вид бродови се помали, побрзи и поудобни. Земете ги за пример бродовите на „Линдблад експедишнс“ - тие можат да превезат само 40 или 45 патници и се резервирани само од едно или две семејства.

„Линдблад“ нуди повеќе од 25 маршрути на арктички дестинации само во 2020 година.

Потоа тука е и новиот „Магелан експлорер“, кој има само 35 кабини, од кои повеќето доаѓаат со огромни кревети и приватни балкони. Бродот вклучува и салон од стакло, целосно опремен бар, фитнес-сала и сауна.

1
Фото: The Magellan Explorer/Black Tomato

Во 2019 година беше лансиран бродот „Сценик Еклипс“, кој ќе превезува 200 патници до Антарктикот со луксузни можности, како затворен базен, соба за медитирање, виски-бар со 110 виски-шишиња, два хеликоптера и подморница со шест седишта.

„Силверси крузес“, луксузна линија за крстосување, во изминатите пет години бележи повеќе од 100 отсто зголемување на резервациите до постудени дестинации, па линијата ги приспособи своите понуди. Компанијата неодамна го претвори првиот брод во својата флота во експедитивен брод за крстосување на арктичките дестинации. Оваа година бродот „Силвер Виспер“ ќе биде првиот што ќе ги посети сите седум континенти во едно патување - вклучувајќи го и Антарктикот. Патувањето ќе чини минимум 65.400 долари по човек.

„Силверси“ оваа година нуди околу 80 арктички маршрути, во опсег од 9.990 долари по човек за девет дена во Норвешка, до 38.100 долари за 10 дена на Антарктикот.

2
Фото: Silversea Cruises

Арктичките крстосувања традиционално биле скапи и долги, со маршрути што траеле две недели и подолго, што ги ограничувало клиентите, па најчесто тие ѝ припаѓале на генерацијата бејби-бум.

Но, бидејќи патниците се сè позаинтересирани за ладните, далечни дестинации, линиите за крстосување нудат патувања од седум ноќи, што ги привлекува и помладите патници кои инаку не би биле во можност да си дозволат подолго патување.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот