X
 08.01.2024 Наука

Колку кафе треба да пиете за подобро да ви функционира мозокот?

Ново истражување спроведено во Германија покажува како различните количини на испиено кафе влијаат врз структурата на мозокот. Првите резултати посочуваат дека одреден број шолји кафе дневно би можеле да имаат добар ефект врз мозокот.

Во соодветни количини, докажано е дека кафето е добро за нашето здравје, особено за мозокот. Освен тоа што нѐ подигнува кога ни е потребно, може да ни помогне да живееме подолго, го ублажува воспалението и го намалува ризикот од дијабетес.

Истражување спроведено на населението во Хамбург, Германија, неодамна го проучувало мозокот на повеќе од 2.000 луѓе на возраст меѓу 45 и 74 години. Истражувањето споредило четири групи луѓе кои рекле дека редовно пијат кафе: помалку од 1 шолја кафе на ден, 1-2 шолји кафе на ден, 3-4 шолји кафе на ден и 5-6 шолји кафе на ден.

Истражувањето покажа дека оние што редовно пијат три до четири шолји кафе на ден имаат најсилна структура на мозокот.

Сепак, авторите забележале дека истражувањето било спроведено на релативно мала и хомогена група. Исто така, тие истакнале дека оние што пиеле повеќе кафе биле поздрави и пообразовани на почетокот, така што овие потенцијални збунувачки фактори не можат да се исклучат.

Докажано е дека кафето го забавува когнитивниот пад и потенцијално ги намалува ризиците од Паркинсонова и Алцхајмерова болест. Покрај тоа, метаанализата од 2017 година покажа дека кафето ја намалува инциденцата на кардиоваскуларни и други болести, како и невролошки, метаболички и некои состојби на црниот дроб.

Ова ново истражување посочува дека пиењето кафе ја подобрува структурата на мозокот, а три или четири шолји може да имаат уште поголем ефект.

Се советува да не внесувате кофеин ако чувствувате нервоза, анксиозност или тахикардија. Други начини за поддршка на здравјето на мозокот се давање приоритет на спиењето, активноста и учењето нови работи.

Извор: n1info.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука