X
 08.02.2023 Живот

Утринските навики на најдолговечните луѓе на светот

Пет изолирани острови каде што луѓето ја доживуваат стотата година се наречени сини зони.

Покрај животниот век, жителите на сините зони се карактеризираат и со добра физичка форма и добро ментално здравје, а експертите долго време се обидуваат да ја откријат тајната на нивната долговечност. Сините зони се Икарија во Грција, Сардинија во Италија, Никоја во Костарика, Окинава во Јапонија и Лома Линда во Калифорнија.

Заклучено е дека основата се добрите здравствени навики и социјалната вклученост. Процесот на стареење не може да се запре, но ова се начините на кои можете да придонесете за подолг живот, почнувајќи од утринските ритуали.

Започнете го денот со кафе или чај

Луѓето во сините зони пијат до три шолји кафе наутро. Како што одминува денот, тие се префрлаат на чај, а по пет часот попладне на вино.

Освен што помагаат во одржувањето на тежината, кафето и чајот му обезбедуваат на телото хранливи материи кои го забавуваат стареењето и помагаат да се намали ризикот од хронични болести. Истовремено, пиењето на овие пијалаци се прави во друштво.

Не прескокнувајте го појадокот

Во текот на ноќта не јадеме и не пиеме, па наутро сме гладни и жедни, дури и ако не го чувствуваме тоа.

Дехидратацијата може да предизвика главоболки, грчеви во мускулите и разни други проблеми, па затоа една чаша вода е првото нешто што треба да го испиете веднаш штом ќе се разбудите. Исто така, ќе ве спречи да се прејадете за време на појадокот - едно од главните правила кога е исхраната во прашање е јадете додека не се заситите 80 отсто.

Сепак, за луѓето од сините зони, појадокот е главниот оброк и треба да биде избалансиран. Главно се базира на растителна храна и одговара на медитеранската исхрана - богата е со цели зрна, овошје и здрави масти. Ја користиме храната за да добиеме „гориво“ за почеток на денот, а добар избор се овесните снегулки, јогуртот и свежите сирења, цитрусното овошје, зеленчукот, јаткастите плодови итн.

Спречете го стресот со утринска рутина

Луѓето во сините зони спијат кога им се спие и се будат без будилник. Ова природно го намалува стресот, кој се смета за тивок убиец и прави значителна штета за нашето тело.

Можеби звучи невозможно со оглед на нашиот модерен начин на живот, но постојат начини природно да станете ранобудници и да развиете шеми на спиење слични на оние во сините зони.

Некои студии докажаа дека луѓето што се будат рано наутро живеат подолго од оние што имаат навика да останат будни до доцна во ноќта, а многу успешни луѓе тврдат дека будењето пред 5 часот наутро придонесува за намалување на стресот.

Пред да си легнете, тргнете ги завесите за да дозволите природна светлина да влезе во собата во раните часови на следното утро. Внатрешниот будилник на вашето тело е чувствителен на природната светлина. Не само што ќе ви помогне природно да се разбудите, туку ќе ви даде и голема доза на витамин Д и ќе го подобри вашето расположение.

Наспијте се

Планирајте 6-8 часа сон. Ноќните птици обично не заспиваат доволно рано за да се вклопат во препорачаната количина на сон секоја вечер.

За да обезбедите квалитетен сон, исклучете ги екраните пред спиење, оставете ја природната утринска светлина да ве разбуди и избегнувајте прекумерна физичка активност пред спиење.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот