Новак Ѓоковиќ е познат по прецизното подготвување за секој натпревар, па изненадува тоа што во следните две недели од „Вимблдон“ би можел да се откаже од неколку ригорозни рутини.
Српскиот тенисер го почнува походот кон осмата титула на „Вимблдон“, колку што досега има освоено само Швајцарецот Роџер Федерер, и важи за фаворит за освојување на турнирот.
Со освојување на титулата би стигнал до 24. гренд слем, но и на чекор од календарскиот слем, што последно ѝ успеа на Штефи Граф кога ги освои сите четири најважни тениски трофеи во една година.
Од почетокот на 2023 година Ѓоковиќ веќе триумфира на „Австралија опен“ и „Ролан Гарос“, но научи и дека не мора да биде совршен за да освојува титули.
- Рутините се исклучително важни за секој човек бидејќи мислам дека во нашата биологија е да се повторуваме секој ден - ако има нешто што прави да се чувствуваме добро, сакаме повеќе од тоа - вели Ѓоковиќ.
Му се допаѓаат затоа што се чувствува поудобно за време на подготовката на натпреварот и има поголема самодоверба поради сознанието дека направил сѐ што е можно пред тоа што следува.
- Рутините навистина ми даваат мир, но важно е понекогаш да балансирам со тоа што нема да ги следам. Сега сакам понекогаш да играм игра со сопствениот мозок и да го предизвикувам. На пример, воопшто не тренирав во деновите помеѓу натпреварите на „Австралија опен“ кога бев повреден - вели тој.
Слични паузи без тренинг имал и меѓу натпреварите во Париз.
- Тоа е нешто што веројатно немаше да го прифатам порано во мојата кариера бидејќи имав менталитет на напорен работник и морав да го правам тоа дополнителни 10 минути или половина час и ќе бев лут ако не го направев тоа. Би си рекол „сега не си доволно добар“ или „сега ќе изгубиш“, но претпоставувам дека со текот на времето човекот расте и излегува од тој менталитет - вели Ѓоковиќ.
- Научив дека помалку е всушност повеќе и дека е во ред ако прекршам рутина или не ја завршам. Важно е да не бидете премногу строги кон себе.
Вимблдонската трева повторно на менито?
Една од рутините од која дефинитивно не сака да се откаже е навиката да го слави освојувањето на „Вимблдон“ јадејќи ја тревата на централниот терен.
Тоа се случи и минатата година, кога во финалето го победи Австралиецот Ник Киргиос.
Тоа не е официјален дел од безглутенската диета која ја следи од 2010 година, но факт е дека веќе десет години јаде трева од „Вимблдон“.
- Тоа е највкусната трева што сум ја пробал. Почнав во 2011 година кога првпат победив. Едноставно не знаев што друго да правам со радоста што ја имав во тој момент. Само си реков „
можеби треба да пробам трева“ и тоа стана традиција. Го правев тоа секогаш кога го освојував „Вимблдон“, па се надевам дека и оваа година ќе биде исто.
На прашањето што ја прави таа трева највкусна, тој одговара: „Вимблдон е!“ Начинот на кој ја одржуваат. Многу луѓе ме прашуваат: „Како можеш да ја јадеш таа трева, има толку пот во таа трева“, но воопшто не размислувам за тоа.
Движење
Не е чудно што Ѓоковиќ има таков апетит на крајот од турнирот.
Иако отсекогаш ја истакнувал важноста на емоционалната сила и сопствената имагинација како причина за неговиот триумф во 2019 година, Ѓоковиќ бара многу и кога е опремата во прашање.
- Рекетот и патиките се најважните работи што ви се потребни како тенисер - објаснува тој.
- Веројатно се движам поинаку од повеќето тенисери, се лизгам по топката дури и на трева. Важни се различни детали, меѓутоа, луѓето што ги направија патиките за мене претрпеа повеќе од мене.
Иако звучи како предизвик, Рене Зандберген од компанијата „Асикс“, кој е близок соработник на Ѓоковиќ, вели дека со задоволство прифатил сѐ.
- Нема многу тенисери кои се вклучени во процесот како Новак. Тој се вклучи затоа што е перфекционист, и сам ги создава деталите - вели Зандберген.
Што ако работите тргнат наопаку?
На Ѓоковиќ не му е важно само да биде подвижен на теренот, важна му е и менталната подготовка.
- Многу верувам во моќта на движењето и неговото влијание врз психологијата. Не само физичко движење, туку и визуализации на движење или каква било ментална работа - кога движењето е проткаено со ментална работа, ефектот е подобар, или барем тоа е она што го искусив - вели Ѓоковиќ.
Зборувајќи за менталната сила и како таа влијае врз играта, вели дека половина од работата е веќе завршена пред да излезе на теренот.
Тој истакнува дека една од најважните лекции што ги научил за менталната сила е да го прифати губењето на концентрацијата и фактот дека работите тргнале наопаку.
- Мислам дека закрепнувањето, или колку долго ќе останете во таа негативна емоција, е она што ве разликува од другите играчи. Закрепнувањето е поважно од напорното работење за да останете во сегашноста бидејќи е речиси невозможно да останете таму цело време - се работи за тоа колку брзо можете да се вратите назад, а свесното дишење ми помага во тоа - вели Ѓоковиќ.
Извор:
BBC
Фото:
Instagram