X
 08.03.2020 Живот

Кој може да биде член на „Менса“, сите сносиме одговорност за Преспа, Андријана од Велес прави неверојатни маски...

Сите сносиме одговорност за состојбата со Преспанското Езеро, каков студент бил главниот уредник Горан Михајловски, како се станува член на „Менса“, која е тајната на неверојатните маски на велешката шминкерка Андријана Стојковска – ова се дел од темите што ги работевме изминатата недела.


Само 2 отсто од светската популација има доволно висок IQ за да членува во „Менса“

Коефициент на интелигенција е вкупен резултат за човековата интелигенција и когнитивна способност, добиен од неколку стандардизирани тестови дизајнирани да ја проценат и измерат. Статистиката покажува дека само 2 отсто од светската популација имаат доволно висок коефициент на интелигенција да членуваат во „Менса“. Тука некаде е и Mакедонија, вели Елена Јовановска, потпретседателка на „Менса Македонија“.
Неодамна „Менса Македонија“ одбележа 20 години од основањето. Јовановска објаснува дека ова е доброволна, непрофитна, независна и непартиска организација на граѓани од Македонија со високо натпросечна интелигенција, без разлика на нивната возраст, пол, националност, религија, образование, социјална положба и убедувања. Основана е во 1999 година под капата на Mensa International® .

Тимот што го направи софтверот за нарачки на сервисот „Папа Џонс пица“

Низ целиот свет се користат софтвери смислени во Технолошкиот парк при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Тука се основале и развиле 27 фирми кои веќе самостојно извршуваат дејност и вработуваат 138 лица. Во една од тие стартап-фирми, информатичари успеале да создадат професионален софтвер за сервиси на сите три платформи - интернет, Андроид и ИОС. Така дури милиони клиенти од 5.303 локации на сервисот „Папа Џонс пица“ добиваат пица нарачана преку софтверот осмислен од млади лица од Македонија.


Маска на Андријана Станковска

„Јутјуб“, креативност и упорност е сѐ што ви треба за да се трансформирате во кој било лик, вели Андријана Станковска, професионална шминкерка од Велес, која во последните неколку години стана ѕвезда на „Јутјуб“ и на „Инстаграм“ благодарение на визуелните трансформации во славни ликови што ги создава без специјални ефекти. Леонардо ди Каприо, Мерилин Монро, Маска, Амди Бајрам, Катица Јанева, Џек Николсон, Калиси од „Игра на тронови“, Никола Груевски, Мистер Бин, Алберт Ајнштајн, Талат од „Преспав“ се само дел од ликовите во кои се трансформирала 29-годишната шминкерка.
Андријана работи класична шминка, филмска шминка, боди-пејнтинг, илузии и визуелни трансформации и вели дека своето знаење го стекнала само од туторијалите на „Јутјуб“.


Даниела Заец во едукативна настава од Македонско еколошко друштво

Македонското еколошко друштво од пред 1,5 година има и свое претставништво во Ресен со цел да биде поблиску до Преспанскиот Регион и поефикасно да соработува со локалните власти и со населението. Дипломираниот биолог Даниела Заец, која е од Ресен, е дел од овој тим и е координатор на „ПреспаНет“ - прекуграничната мрежа на невладини организации за заштита на Преспанскиот Регион.
Преспанското Езеро е горлива тема во последната година. Големиот водостој е болка за сите, науката нема доволно одговори за тоа што сè влијае врз моменталната состојба.


Горан Михајловски (трет од десно) со своите колеги од факултет

Уште од млад многу сакал да патува, но и да пишува, па новинарството му било добар спој на двете нешта. И по повеќе од 35 години во професијата, Горан Михајловски го има истиот жар за новинарството како и кога бил студент. Почнал во „Студентски збор“, каде што стигнал до заменик-главен уредник и каде што најмногу научил за новинарството, па потоа продолжил во редакцијата на „Вечер“. Врвот на кариерата го достигна во „Вест“, а во последните четири години заедно со својот тим го создава порталот САКАМДАКАЖАМ.МК.
Михајловски вели дека новинарството го избрал не зашто премногу го сакал, туку му се видела како примамлива професија оти не можел да се види себеси затворен во канцеларија. Се запишал на Студиите по новинарство во Скопје во 1982 година. Веднаш по запишувањето морал да замине за Белград да отслужи воен рок.


Страхил Петровски

Њујорк е одлична шанса за лично претставување, но и за презентирање на македонската уметност и култура. Се проширува светогледот. Тоа е ново искуство, се запознавате со еден капиталистички систем кој просто ве меле. Милионски град кој живее 24/7 со ненормално темпо на живот, во кој адреналинот ви е на највисоко ниво, во кој ќе видите сè и сешто, различен и единствен на свој начин, во секој поглед, вели ликовниот уметник Страхил Петровски, кој сè уште „закрепнува“ од самостојната изложба што неодамна ја отвори во Галеријата MЦ, позната и како Македонски културен центар во Њујорк.

Со Петровски разговаравме за повеќе прашања што ги засегаат нашите ликовни автори. Тој убаво ја заврши минатата година, со впечатливата самостојна изложба Echoes of the future во „Мала станица“ во Скопје, која помина одлично меѓу публиката, а доби добри оцени и од критиката. Новата година, пак, ја почна со поставката Action/Reaction/Wor(l)d во Њујорк, реализирана во рамките на минатогодишната програма на Министерството за култура.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот