X
 08.04.2021 Наука

Откриена мистеријата на зуењето на колибрите додека летаат

Колибрите се препознатливи по нивниот звук на зуење, но причината за тоа долго време била мистерија за научниците.

Сега истражувачите велат дека ја одгатнале загатката.

Дејвид Лентинк, доцент по машинство на Универзитетот „Стенфорд“ и коавтор на истражувањето, вели дека иако се знаело дека брмчењето е поврзано со движењето на крилјата, претходно не било јасно што точно стои зад звукот. Промените на притисокот генерирани од мавтањето со крилјата, виорот во протокот на воздухот и звуците од самите пердуви беа меѓу можностите зошто колибрите го произведуваат овој звук.

Сега се чини дека одговорот лежи во аеродинамичните сили, а со тоа и промените на притисокот произведени при движењето на крилјата.

- Ова е доволно за вистински да се открие кој е главниот извор на зуењето - вели Лентинк.

Научниците дошле до овој заклучок откако извршиле експеримент со вид познат како „Calypte anna“. За време на експериментот тимот поставил повеќе од 2.000 микрофони и брзи камери околу кафезот во кој шест колибри се хранеле со вештачки цвет. Ова им овозможило на научниците да ги соберат звуците произведени од птиците за да создадат 3Д-акустична мапа поврзана визуелно со движењето на крилјата.

За да откријат што ги води звуците, тимот се обидел да ги измери силите на подигнување и влечење произведени од мавтањето на крилјата. За да го направат тоа, научниците направиле уште еден експеримент во кој птиците биле опкружени со плочи под притисок и со камери со голема брзина, кои ги следеле додека тие лебделе. Со ова успеале да ја откријат големината на произведените сили на притисок и како тие се менувале со текот на времето.

Кога истражувачите ги составиле информациите за силите заедно со движењето на крилјата, успеале да ги предвидат звуците што би се создале само од овие фактори. Потоа ги споредиле со 3Д-акустична мапа.

Резултатите откриваат дека аеродинамичните сили произведени при движењето на крилјата, заедно со брзината и насоката на движењето на крилјата, во голема мера се доволни за да се објасни зуењето на колибрите.

kolibri
Фото: Freepik

Тимот забележува дека клучен фактор е движењето на крилјата на колибрите. Додека повеќето птици создаваат подигнување само при потегот со крилјата надолу, колибрите го прават тоа при потегот со крилјата и надолу и нагоре како резултат на нивното невообичаено движење на крилјата, кое има форма на буквата U. Овие удари се случуваат многу побрзо кај колибрите - околу 40 пати во секунда. Како резултат на тоа, движењето на крилото на колибрито генерира звуци и на 40 Hz и на 80 Hz, звуци што се во рамките на нашиот опсег на слух и за кои се покажа дека се доминантни компоненти на зуењето на птиците.

Но, варијациите на силите во рамките на ударите на крилјата, заедно со понатамошното влијание на движењето на крилото во форма на буквата U, генерираат призвуци на поголема фреквенција.

- Она што е убаво во врска со сложениот удар на крилјата на колибрито е што тие два основни импулси предизвикуваат повисоки хармонии. Навистина е специфичен начин на флуктуирање на силите што создава звук што го слушаме - вели Лентинк.

Тимот применил поедноставена верзија на теоријата за другите инсекти и птици за да открие зошто нивното движење произведува различни звуци.

- Различен е начинот на кој ја генерираат силата. И токму затоа е различен начинот на кој произведуваат звук - вели Лентинк.

Извор: The Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука