X
 08.05.2020 Здравје

Како да вежбате дишење во време на пандемија

Како да го вежбате системот на дишење во време на пандемија од Ковид-19? Институтот за физикална медицина и рехабилитација во Скопје изработи прирачник со корисни совети за респираторна гимнастика.

Од Институтот велат дека нарушувањето на функциите на дишењето при заболување на респираторниот систем кај пациенти со Ковид-19 се поврзува со промени кои настануваат во механиката на дишењето кај пациентите.

- Може да се намали подвижноста на дијафрагмата и градниот кош, да се намалат контрактилните способности на мускулатурата за дишење, движечката активност на болните. Тоа ја нарушува белодробната вентилација и размената на гасови. Токму затоа со респираторна гимнастика може да се постигне подобрување на секоја од наброените состојби – советуваат од Институтот.

Со примена на вежбите за дишење би можело да се надминат респираторните проблеми кај повозрасната популација, но и да се заштитат пациентите од евентуални компликации од болеста. Респираторната гимнастика е важна алка во време на пандемијата и треба да ѝ се посвети големо внимание. Овој тип на вежби можат да бидат прилагодени за различни групи на возрасна популација зависно од нивната здравствена состојба.

- Целта на респираторната гимнастика е да ја активира мускулатурата и да се зајакнат дишните мускули. Да се зголеми подвижноста на градниот кош, да се подобри проодноста на дишните патишта. Да се продлабочи дишењето, да се стимулира циркулацијата на крвта и да се урамнотежи работата на кардиоваскуларниот и респираторниот систем. Така ќе се спречи хипотрофија на мускулите и слабеење на целиот организам – велат од Институтот.

Придобивки од респираторна гимнастика се:

- подобрување и нормализирање на респираторната функција
- воспоставување на рамнотежа меѓу дишењето и циркулацијата на крвта
- подобра заситеност на организмот со крв и отстранување на јаглерод диоксидот
- обновување на здравјето и работната способност на луѓето.

Во прирачникот можете да ги најдете сите корисни совети со вежби, препораки при изведување на вежбите за дишење и совети зошто е потребно да внимаваме при изведувањето на респираторната гимнастика. Прирачникот можете да го разгледате ТУКА.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје