X
 08.09.2019 Живот

Највисокото стебло во Амазонија се спаси од пожарите

Највисокото стебло во Амазонија, 88 метри високата Dinizia excelsa не е во опасност од пожарите што го зафатија огромното прашумско подрачје, објавија британските и бразилските научници.

Ова дрво со обем од 5,5 метри се наоѓа во северниот дел на Бразил, во царството на џиновските стебла, на границата меѓу сојузните држави Пара и Амапа.

- Огромните стебла не се реткост во тој регион, но обично успеваат да достигнат околу 60 метри - објаснува Ерик Бастос, координатор на истражување спроведено од страна на научници од Бразил и Британија.

Стеблото е откриено од воздух, а Бастос вели дека станува збор за големо откритие и дека имаме задача да го зачуваме тоа дрво. Како и да е, на ова дрво не му се закануваат пожарите што ја зафатија Амазонија, каде што се спроведува прекумерна сеча.

Највисокото дрво на светот е секвоја пронајдена во Калифорнија, висока 115 метри, која ботаничарите од Универзитетот „Хумболт“ ја именуваа Хиперион.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот