Пожарите што беснеат во арктичкиот круг го срушија минатогодишниот рекорд во емисии на јаглероден диоксид, истакнаа научниците од Службата за набљудување на атмосферата „Коперникус“ (ЦАМС).
Научниците процениле дека емисиите на јаглероден диоксид од пожарите во арктичкиот круг се зголемиле за повеќе од третина во споредба со 2019 година, со 244 мегатони јаглерод произведени од 1 јануари до 31 август 2020 година. Колку за споредба, во текот на целата 2019 година биле создадени 181 мегатон на јаглерод.
Поголемиот дел од зголемената активност на пожарите е забележан во Јакутија, Русија.
- Минатото лето од нашите податоци утврдивме дека имало многу истрајна активност на пожари во арктичкиот круг, особено во сибирскиот Арктик. Годинава разликата е што во текот на втората половина од јули и првите недели од август забележавме многу голем кластер на пожари што горат многу далеку во арктичкиот круг и Сибир - истакна научникот Марк Парингтон.
Опасниот чад од пожарите покрил област еднаква на повеќе од една третина од Канада, велат научниците. Врвот на пожарите на Арктикот бил во јули и на почетокот на август, покажуваат податоците.
Пожарите во далекуисточниот федерален округ на Русија во периодот меѓу јуни и август емитирале речиси 540 мегатони јаглероден диоксид, со што бил срушен претходен рекорд на најголема емисија на гасови од 2003 година.
Иако експертите истакнаа дека изворите за палењето на пожарите не се сигурни, се смета дека некои пожари од порано во сезоната се
таканаречени зомби пожари, кои можат да горат на ниски температури под земја и можеби гореле во текот на зимата.
Парингтон истакнува дека пожарите се симптом како климата и околината го менуваат Арктикот.
- Веќе неколку години сме свесни дека брзината на промената на температурата и на климата во високата северна латитуда е побрза за два или трипати од глобалниот просек. Овие пожари си симптоматични на тоа - потопло е, посуво, па вегетацијата и горивото се во вистинските услови и кога овие пожари ќе се запалат, можат да горат долго време без прекин, а и да растат - вели тој.
Научникот додава дека во зависност од временските услови во тој период, огромните количини на чад и загадувањето што го создаваат овие пожари може да зафатат поголеми површини.
- Можете да видите како чадот оди над Арктичкиот Океан, како оди накај Северна Америка. Загадувањето и чадот не знаат за меѓународни граници, тие пожари може да погодат многу поголема популација, илјадници километри подалеку - вели Парингтон.
Извор и насловна фотографија:
CNN