X
 13.09.2021 Живот

„Гринпис“: Во шумските пожари во Русија годинава изгорела површина колку половина Германија

Во шумските пожари годинава изгорела рекордна површина на шума и степа во Русија, површина која е голема колку половина Германија, објави организацијата за заштита на животната средина „Гринпис“.

Од организацијата, врз основа на сателитските податоци, проценуваат дека изгореле повеќе од 17,6 милиони хектари, со што е надминат претходниот црн рекорд од 16 милиони хектари од 2016 година. Според руските власти, сè уште горат повеќе од 250.000 хектари.

Григориј Куксин од рускиот огранок на „Гринпис“ изјавил дека се наѕира крајот на овогодишната сезона на пожари, која ја зајакнуваат топлите и сушни услови за кои научниците тврдат дека се јасен резултат на климатските промени. Тој додал и дека пожарите сè уште пустошат тревни површини на југот на Русија, додека голем број пожари се изгаснати, делумно и затоа што во некои делови од земјата почнало да снежи.

Најтешко е погодено подрачјето на ретко населената Република Јакутија, на истокот од Сибир, повеќе од 4.000 километри од Москва. Пожарите се толку распространети, што се погодени и луѓе кои не се под директна закана бидејќи од чадот се зафатени стотици села и десетици градови низ Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин истакна дека размерите на природната катастрофа се без преседан.

Извор: Telegram
Фото: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот