X
 11.09.2024 Наша тема

„Книгата живее и покрај лошите прогнози дека ќе исчезне, читателите преферираат книга в рака наместо дигитална“, вели писателот Михајло Свидерски, добитник на наградата „Книжевен круг“

Наградата ја доделува „Битолскиот книжевен круг“ по тринаесетти пат, во рамките на меѓународната манифестација „Битолски книжевни паметења“, а Свидерски ја доби за романот во кој храбро пишува за премолчуваната тема за сексуалната злоупотреба на децата.

Одлучи да пишува за болно невралгична тема која сѐ уште е табу во нашето општество - сексуалната злоупотреба на децата. Писателот Михајло Свидерски, чии дела се преведувани на десетина странски јазици, за романот „Синовите на Адам“, кој е напишан врз основа на вистинска приказна, ја доби наградата „Книжевен круг“. Неа по триесетти пат ја додели „Битолскиот книжевен круг“, а ова за Свидерски претставува прва награда во родната Битола. Тоа е книга за дете кое сосем случајно е вплеткано во мрачните уживања на елитите. Дејството се случува во Македонија, каде што се случила и вистинската приказна од која авторот се инспирирал. Но, романот претставува победа на доброто над злото.

- „Синовите на Адам“ е романизирана вистинска приказна, потресна и жива, каква што сакав да им ја пренесам на читателите. Се надевам дека успеав да ги доловам и мракот и светлината што ослободува. Околу нас постојано се случуваат потресни, тажни и сурови работи за кои најчесто остануваме глуви. Сметам дека сите болни општествени, социјални, културолошки и какви било други точки на нашето живеење треба да излезат на површина. Главниот лик во романот е четиринаесетгодишно момче кое од провинција првпат се наоѓа во голем град, во Скопје - вели Свидерски.



Во фокусот му се напуштените, заборавените, игнорираните личности

Препознатлив е по тоа што пишува за темите што се премолчуваат и за луѓето што се напуштени, заборавени, игнорирани, кои имаат потресни животни приказни вредни за раскажување и паметење. „А во ова наше општество такви има безброј“, додава тој. Пораката што ја содржи романот е простувањето, ослободувањето на човекот од траумата, победата на доброто над злото!

- Наградата за проза „Книжевен круг“ е моја прва награда во родната Битола, а ја доделува друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“, во кое членуваат членови на Друштвото на писатели на Македонија што живеат и творат во Битола. Тоа е традиционална награда, етаблирана и со континуитет. Наградите значат поттик за авторот, еден вид мотивација, но сиот творечки елан, енергијата, ентузијазмот и полетот на писателот лежат во неговиот талент. Секој од нас има свој талент, дарба, умешност и треба да ги развива. Талентот, преку надградба, нè издигнува како уметници. А наградите не смеат да бидат репер за она што треба да биде книжевност со високи естетски и уметнички квалитети - додава писателот.



Метлата на историјата ќе ги избрише кичот и празнотијата

Вели дека темите за кои пишува му доаѓаат спонтано, ненаметливо, како пороен дожд.
„Не избирам што ќе пишувам, можеби темите ме избираат мене, јас само раскажувам“, нагласува тој. На прашањето како да се привлечат читатели со сериозни теми во свет каде што најмногу се читаат скандали и трачеви, посочува дека ова е време на ловење во матно.

- Секое време има свој циклус кој поминува. Денес владее обезвреднување, отчовечување на човекот, девалвирање на квалитетното и промовирање на сè што е брзо, кратко и лесно за консумација. Денес не е потребно критичкото мислење, промислување. Но, да не се обесхрабруваме, и тоа ќе помине. Кај книжевноста, како и кај секоја друга уметност или општествена гранка, метлата на историјата ќе ги избрише кичот, празнотијата и лагата, и тие ќе бидат заборавени. Останува само она што е вредно. Наше е да се трудиме, непрестајно да правиме добри, квалитетни работи - оптимист е Свидерски.

Разболувачки неподносливо е да работиш професија што не ја сакаш

Кај нас пишувањето сѐ уште не може да биде професија од која некој ќе се издржува. Но, додава дека писателите живеат за мигот кога ќе можат само да пишуваат и тоа да им биде единствена работа. Според него, кога некој навистина е вљубен во она што го прави, сака постојано да биде во љубовта.

- Така е и кога човек вистински го сака тоа што го работи. Понекогаш се прашувам што прават луѓето што не си ја сакаат професијата, што секој ден присилно одат на работа? Тоа мора да е ужасно тешко, па дури и разболувачки неподносливо. Затоа, секој од нас нека одбере што ќе работи слушајќи го срцето, никако родителите, пријателите, другарите, оди таму, направи тоа, студирај ова, тоа е платено, ова не е платено, тоа се нивни размислувања. А гледам младите често прават такви грешки и потоа се каат - вели Свидерски.



Книгата како библиотерапија

Факт е дека кај нас сѐ помалку се чита. Книгата како да ја губи битката во светот на компјутерите, мобилните телефони, лажните вести, површноста, па и неписменоста. Свидерски смета дека повозрасните генерации читаат. Купуваат книги и одат редовно во библиотека. Но, децата сè помалку, што е жално и поразително за нивниот развој како личности, за имагинацијата и размислувањето.

- Во многу земји од светот читањето станува лек, терапија и сè повеќе пациенти се третираат со библиотерапија. Зборот има моќ да исцелува. Книгата живее и покрај лошите прогнози дека ќе исчезне, читателите преферираат книга в рака повеќе отколку дигитална книга - вели Свидерски.

Го прашавме дали треба луѓето што имаат талент за пишување да се откажат од него зашто ова е ера на информатичари и се верува дека ако не знаете информатика, не сте атрактивни на пазарот на трудот, не можете доволно да заработите? Денес сите пополнуваме некакви апликации за сѐ и сешто, па што ќе биде ако ги натераме оние што знаат да пишуваат само на програмски јазик да почнат да пишуваат книги?

- Таа дехуманизација, програми да пишуваат романи, веќе доаѓа на голема врата и останува да видиме што ќе следува. Моите прогнози се дека Al – Story writer и други алатки што ќе излезат во иднина се создадени за да служат некому и поради некои повисоки цели, но за нас е важно дека од човекот ќе ја одземат сета креативност, емпатија, секоја емоција, оти ние не сме алгоритам, туку крв и месо, со душа - заклучува авторот.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема