Австралија им даде законско право на милиони вработени да се „исклучат“ по работното време, дозволувајќи им да ги игнорираат неоправданите повици, е-поштата и пораките од нивните шефови.
Луѓето сега можат да одбијат да праќаат, да читаат или да одговорат на обидите на нивните работодавци да ги контактираат надвор од работното време - освен ако тоа одбивање не се смета за „неразумно“.
Синдикатите го поздравија законот, велејќи дека со него вработените ќе можат да го вратат балансот помеѓу работата и животот.
- Денес е историски ден за сите работници. Австралиските синдикати го вратија правото да им заврши работата по смената - вели Мишел О'Нил, претседателка на австралискиот совет на синдикати.
Се чини дека и луѓето ја поздравуваат промената.
- Многу ми е тешко да се исклучам и иако можеби не мора да сум логирана, мојот мозок постојано работи прекувремено - вели Каролина Јосески, вработена во непрофитна организација.
Но, реформата доби ладно добредојде од највисокото индустриско тело во Австралија.
- Законите за „правото на исклучување“ се избрзани, слабо осмислени и длабоко збунувачки. Во најмала рака, работодавците и вработените сега ќе бидат несигурни дали можат да прифатат или да направат повик надвор од работното време за да понудат дополнителна смена - се вели во соопштението на австралиската индустриска групација.
Законот е сличен на оние во некои европски и латиноамерикански земји.
Повеќе од 70 отсто од работниците во компаниите на Европската Унија со политиката на право на исклучување сметаат дека нејзиното влијание е позитивно, според истражување од ноември 2023 година на агенцијата за труд на ЕУ, „Јурофаунд“.
- Да се има регулатива која донекаде ја враќа границата меѓу работниот и личниот живот на луѓето е позитивна работа, секако за вработените, но и за работодавците - вели професор Крис Врајт од Универзитетот во Сиднеј.
Австралискиот закон, усвоен во февруари, стапи во сила во понеделникот за средните и големите компании. Помалите компании со помалку од 15 вработени ќе бидат опфатени од 26 август 2025 година.
Според законот, судот може да им нареди на вработените да престанат неразумно да одбиваат контакти надвор од работното време, а на работодавците може да им се нареди да престанат неразумно да бараат од вработените да реагираат, според регулаторот.
Прашањето што е разумно ќе зависи од околностите, рече народниот правобранител за правични работни односи.
Одлучувачките фактори може да ја вклучуваат причината за повикот, природата на улогата на вработениот и нивната компензација или достапност за прекувремена работа, се вели во соопштението.
Премиерот Ентони Албанес ја поздрави реформата што ја спроведе неговата централно-левичарска лабуристичка влада.
- Сакаме да бидеме сигурни дека како што луѓето не се платени 24 часа на ден, тие не мора да работат 24 часа на ден - изјави австралискиот премиер.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik