X
 08.11.2020 Култура

Нефертити - моќната владетелка на Египет што исчезнала

Кралицата Нефертити владеела со древен Египет со невидена моќ, а потоа мистериозно исчезнала од историските записи во 1336 година пр.н.е. Но некои веруваат дека таа тајно го зазела местото на нејзиниот сопруг како фараон откако тој починал. Нефертити исчезнала од историските записи во 12-тата година од 17-годишното владеење на нејзиниот сопруг. Исчезнувањето на Нефертити ги збунува историчарите со векови.

Малку се знае за неа, но се претпоставува дека била родена околу 1370 година пр.н.е. Таа била ќерка или внука на советникот Ај, кој станал фараон кога починал кралот Тутанкамон во 1323 година пр.н.е. Некои историчари сметаат дека Нефертити била принцеза од кралството Митани во Северна Сирија.


Фото: Wikipedia

Без оглед на нејзиното потекло, Нефертити се омажила за Аменхотеп Четврти кога имала 15 години. Аменхотеп Четврти застанал на престолот околу 1353 година пр.н.е. Сопружниците почнале да воведуваат промени во египетското општество. Омилениот бог на Нефертити, Атон, станал главен фокус на религиозниот живот во Египет. Аменхотеп Четврти го сменил името во Ехнатон во петтата година од владеењето, а Нефертити го додала името на богот Атон во своето име.

Сопружниците владееле со невидена моќ, а се верува дека Нефертити станала фараон. Историчарите сметаат дека таа барем имала еднаква моќ над Египет со нејзиниот сопруг. Откако родила шест ќерки, Ехнатон зел други жени, вклучувајќи ја и нејзината сестра, со која го имал идниот крал Тутанкамон.

Тогаш Нефертити едноставно исчезнала. По 12 години од владеењето со Египет со сопругот, кралицата Нефертити исчезнала од сите слики и записи, а историчарите не може да се согласат што се случило со неа до денес, иако многу академци заклучуваат дека таа починала.


Фото: Wikipedia

Меѓутоа, многу експерти веруваат во теоријата дека таа ја измамила јавноста и се облекувала како маж. Некои експерти сметаат дека таа владеела како фараон откако починал Ехнатон и дека неговиот наследник, фараонот Сменкаре, била всушност Нефертити.

Други веруваат дека таа била протерана бидејќи не родила машко дете, а некои претпоставуваат дека се самоубила кога една од нејзините ќерки починала при породување на 13-годишна возраст. Но нема докази за која било од овие теории.

Во февруари годинава излезе веста дека гробот во кој се смета дека почива кралот Тутанкамон всушност е и гроб на Нефертити откако биле пронајдени тајни соби во гробницата. Сепак, никој досега не ги отворил овие врати.

Автор: Марко Маргаритоф
Извор: allthatisinteresting.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура