X
 09.09.2022 Живот

Работи што треба да се променат во Британија по смртта на кралицата - парите, пасошите и националната химна

По смртта на кралицата, секојдневните предмети, полициските униформи, па дури и националната химна ќе треба да претрпат промени - некои ќе стапат во сила сега, а други во наредните месеци и години.

Кралицата владееше повеќе од 70 години и мнозинството луѓе никогаш не знаеја за некој друг на тронот. Откако стана монарх во 1952 година, нејзиниот имиџ е дел од секојдневниот живот - нејзиниот лик се наоѓаше на сè, од готовина до поштенски марки.

Но, по нејзината смрт на 96-годишна возраст и прогласувањето нов крал, Велика Британија ќе се соочи со многу промени. Ќе треба да се ажурираат и други работи за да се наведе дека сега се наоѓа крал на тронот, а не кралица. Кои се промените што веројатно ќе се случат?

Пари и монети

Во Обединетото Кралство на сите банкноти и монети е ликот на кралицата - но сега ќе треба да се направат нови монети и готовина со ликот на кралот.

Плановите за ова се разгледуваат долго време, па новата готовина ќе се произведува и дистрибуира во општ оптек, а старите пари постепено ќе се укинуваат.

Се смета дека парите со ликот на кралицата ќе останат легално средство за плаќање уште некое време.

пари
Фото: Wikipedia

Сепак, тоа не е само во Обединетото Кралство, ликот на кралицата се користи и во Канада, Австралија и Нов Зеланд - и тие на крајот постепено ќе ги исфрлат парите со нејзиното име.

Поштенски марки

И поштенските марки се со слика од кралицата, така што и тие ќе треба да бидат променети.

Истото важи и за поштенските сандачиња, односно монограмот на нив. Монограмот на кралицата беше EIIR, што значеше Eлизабета II Регина (регина е латински збор за кралица).

Низ Обединетото Кралство, освен за Шкотска, повеќето поштенски сандачиња ја имаат оваа шифра.

И иако по смртта на монархот поштенските сандачиња не се заменуваат - сите новонаправени најверојатно ќе го прикажуваат монограмот што го избрал новиот крал.

Униформи

Монограмот на кралицата се појавува на многу униформи во Велика Британија, вклучувајќи ги и оние што ги носат полицајците и војската.

Овие униформи веројатно ќе се ажурираат со текот на времето со шифрата на новиот крал.

Пасоши

Ако некогаш сте виделе пасош од Обединетото Кралство, тогаш на него пишува: „Државниот секретар на нејзиното британско Височество бара во името на Нејзиното Височество носителот на пасошот слободно да поминува без дозвола или пречки и да му дозволи на носителот таква помош и заштита што може да биде потребна“.

пасош
Фото: Wikipedia

Сега, новите пасоши ќе бидат изменети за да ги одразуваат машките заменки на новиот крал. Сепак, голема е веројатноста дека пасошите ќе треба да се ажурираат само откако ќе истечат.

Национална химна

Откако кралицата почина, националната химна повеќе нема да биде „Боже, чувај ја кралицата“.

Химната ќе биде вратена на верзијата за машки монарх, „Боже, чувај го кралот“, со заменките во зборовите променети во машка верзија.

Оваа верзија на националната химна последен пат била користена во 1952 година кога на тронот бил Џорџ Шести.

Извор: Mirror.co.uk
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот