X
 09.01.2019 Живот

Колку заработуваат луѓето на чии пазуви се става реклама?

По егзибициите со рекламите на човечките тела на Запад, вклучувајќи ги тука и екстремните примери на поединци кои тетовираа имиња на компании за да заработат брзо, овој вид промоција сега е најприсутен во Јапонија, каде што како огласен простор се изнајмува речиси секој дел од човечката кожа. Најпопуларни се женските бутови.

Ова е најнов тренд во рекламната индустрија во Јапонија. Имено, Јапонците ги рекламираат своите бизниси на човечки тела со лепење промотивни пораки на мали, но видливи места. Покрај бутовите, едно од местата се пазувите, кои може да бидат уочливи во летните месеци кога патниците во градскиот превоз се држат за шипките.

Но, зошто да плаќате за реклама ставена на нечија пазува наместо да си поставите реклама на ѕидот од тунелот низ кој минува метрото?

- Затоа што луѓето веќе се навикнаа на реклами и извежбаа да ги игнорираат кога ќе се појават на вообичаените места за промоција - велат од маркетиншката компанија „Вакино Ад компани“, чие име во превод значи „Компанија за огласување под пазуви“.

Тие објаснуваат дека човечкиот мозок главно ги блокира несаканите содржини како рекламите, но дека не може да им одолее на необичните и неочекуваните слики, како што е шарената налепница под пазувите на луѓето.

Според известувањата на одредени медиуми, споменатата јапонска компанија е релативно нова на пазарот за рекламирање на тело, но веќе привлекува големо внимание. Од компанијата наоѓаат млади привлечни девојки, ги поврзуваат со нарачателите на реклами и кога ќе се склучи договор, нивната задача е да се движат во градскиот превоз и пред сите да ја покажуваат платената реклама.

Први огласувачи што биле клиенти на оваа компанија биле козметичките куќи со производи за отстранување влакна под пазувите или за нега на овој дел од телото. Компанијата е охрабрена од почетниот успех и се обидува да придобие и други клиенти, проширувајќи ја понудата и на машки модели. Редовно организира кастинзи за негувани пазуви, а оние што ќе поминат, добиваат шанса да го „издаваат“ овој дел од телото како огласен простор за 90 долари од час. Експертите за рекламирање на тело мудро советуваат дека привлечните пазуви и генерално изгледот, сепак, не се доволни за успешна промоција, туку дека е потребно и моделите да умеат да одговорат на прашањата за брендот што го рекламираат.

Најпопуларен дел од телото за рекламирање во Јапонија се бутовите на младите Јапонки. Критериум за занимавање со оваа работа е моделите да се полнолетни, да имаат убави нозе и да носат што е можно пократка облека за „рекламниот простор“ да биде повпечатлив. Интересот за овој вид рекламирање е најголем кај компаниите чиј таргет се мажите. Во текот на експанзијата на рекламирањето на бутовите, заработката од оваа работа била сосема пристојна, па тоа го работеле околу 3.000 млади Јапонки.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот