X
 04.06.2018 Здравје

Стоп за спортско-медицинските прегледи со врски и за потпишување спортски легитимации по кафеани

Спортско-медицинските прегледи ги избегнуваат тренерите, самите спортисти, а што е најтрагично - и нивните родители. Давањето потврда дека некој може да спортува, без притоа да се направи преглед, од пријател доктор, или потпишување на легитимациите во кафеана, може да е многу опасно и кобно за спортистот, алармира прим. д-р Нада Темелкоска


Спортско-медицинските прегледи, пред сѐ, се морална и законска обврска на сите што се занимаваат со спорт и спортско-рекреативна активност. Одговорноста на спортистите кон сопственото здравје, зависно од индивидуата, е на различно ниво. Прим. д-р Нада Темелкоска, специјалист по спортска медицина со долг професионален ангажман и претседател на Здружението на лекари по спортска медицина, алармира дека спортско-медицинските прегледи не смеат ниту да се прескокнуваат ниту да се импровизираат. Здравјето на спортистите и спортско-медицинските прегледи треба да се на прво место за тренерите, а потоа да мислат на спортските резултати.

Зошто се избегнуваат спортско-медицинските прегледи?
 
- Причини има повеќе, но ќе се потрудам да ги наведам почестите. Најчеста причина е неинформираноста. Но таа не ги оправдува тренерите да тренираат дечиња за кои немаат никаква информација за нивната здравствена состојба. Кога тренерите примаат нови членови во нивните клубови, најмалку размислуваат на здравствената состојба на децата и обично сметаат дека тоа се здрави деца. Тренажниот процес не треба ни да почне ако не се знае здравствената состојба на спортистот, т.е. ако таа не се утврди со преглед од доктор специјалист по спортска медицина.



Некои од тренерите се правдаат дека децата не почнале да учествуваат на натпревари, па затоа не се прегледани.

- Причината „ама не се натпреварува“ е најголемата глупост што ќе ја слушнете од тренерите, а често и од родителите. Кога ќе ги прашате: „Зошто по 2-3 години првпат доаѓате на преглед“, родителите, правдајќи го тренерот, го даваат истиот одговор или искрено кажуваат: „Не сме знаеле досега“. Спортистите спаѓаат во категоријата на релативно здрава популација и мислењето „здрав сум, мене ништо не ми е“ е причина повеќе да ги избегнуваат прегледите, а со тоа свесно прават нова грешка. Постоењето на некои добри пријатели доктори што се расположени и во кафеани да ги потпишуваат спортските легитимации зборува за неодговорниот однос и непрофесионалноста на докторите. Во тој пријателски однос главни арбитри и баратели на таков вид услуга се самите тренери. Кога кај нас на преглед ќе дојде спортист и кога ќе го прашаме каде го правеше претходниот преглед, тој искрено кажува дека воопшто не бил на преглед и дека тренерот ги однел некаде легитимациите и ги вратил потпишани. Спортската легитимација што е потпишана на ваков начин веднаш може да се провери. Спортистите од поединечни спортови имаат спортски легитимации во кои се регистрира, со датум и потпис на лекарот, кој го извршил прегледот. Регуларниот спортско-медицински преглед што е направен во специјализирана здравствена институција е строго евидентиран и заверен во спортско-медицински здравствен картон, и е регистриран во електронскиот здравствен систем. Веднаш се забележува кога ќе се случи преглед со датум и потпис на доктори што не смеат да ја вршат на ваков начин работата зашто никаде не е евидентиран прегледот со таков датум и со име и презиме на такви колеги доктори.

Дали е проблем што има мал број лекари специјалисти по спортска медицина?

- Специјализацијата по спортска медицина и работата со оваа популација, според мене, е една од најубавите специјализации, но немам одговор зошто се распишуваат мал број или воопшто не се распишуваат специјализации по спортска медицина и покрај барањата до Министерството за здравство години наназад. Постојниот кадар, полека по природен пат, се намалува на територијата на цела држава. Во законски рамки спортско-медицинските прегледи во општините во кои нема специјалист по спортска медицина можат да ги вршат специјалисти по општа медицина или специјалисти по внатрешни болести, но во секој случај прегледот треба да ги содржи сите елементи на спортско-медицински преглед и да биде внесен во посебни спортско-медицински картони со датум, преглед и потпис на докторот што го извршил прегледот. Причини има и други, а иако не заслужуваат внимание, ниедна не оправдува да не се направат спортско-медицинските прегледи.



Здравствената заштита на спортистите е регулирана со закон. Зошто тогаш не постојат контроли, па и казни за ваквите појави?
 
- Законот за спорт на Република Македонија децидно ги апострофира, во неговото шесто поглавје, „здравствената заштита и антидопинг-контролата“, како и казнените одредби. На секое алармирање на Здружението по спортска медицина за девијантните појави до скоро Агенцијата за спорт и млади остануваше глува, а здравствениот инспекторат има излезно на терен само еднаш и се евидентирани строги прекршоци, но за тоа немаме повратна информација.

Што апелирате до спортистите, тренерите и родителите?
 
- Само да не го прават тоа што претходно го апострофиравме. Да најдат начин (тој постои), време и соодветна институција каде што ќе биде направен спортско-медицинскиот преглед за да не зборуваме потоа за последиците. Во здравството секогаш превентивата е поевтина од лекувањето, а народот вели „подобро да спречиш отколку да лечиш“. Минатото и лошите навики да се заборават, државата да посвети повеќе внимание и средства за опремување на спортските амбуланти, итно да се распишат нови специјализации по спортска медицина на територијата на цела држава. Грижата за здравјето на спортистите да биде заедничка цел на самите спортисти, нивните тренери, нивните родители, а, секако, грижата од нас, докторите по спортска медицина, нема да изостане и ќе биде на највисоко професионално ниво.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова /natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје