X
 09.02.2019 Економија

Африканските одгледувачи забораваат на кафето и се свртуваат кон авокадото

Иако авокадото оригинално потекнува од Јужна Америка, Африка е таа што заработува од сè поголемата популарност на ова овошје.

Растот на популарноста на авокадото ја забележале кениските одгледувачи на кафе, па едноставно одлучиле своето производство да го пренасочат на авокадо. Со одгледување на авокадото тие заработуваат дури десет пати повеќе отколку што заработувале од кафе. Дополнително Кенија стана најголем африкански извозник на авокадо во 2017 година и со тоа ја тргна Јужноафриканската Република од тронот.

Фото: BizLife

Танзанија исто така беше погодена од падот на цените на кафето, па и таа почна да вложува во одгледување  авокадо. Еден од најголемите одгледувачи на авокадо во земјата, „Африкадо“, на пример, оваа година решил да инвестира дополнителни 2,5 милиона евра во ширење на бизнисот. Покрај тоа, и Финците вложија во оваа африканска компанија за да одгледуваат различни видови авокадо.

Авокадото последниве години сè повеќе се користи во секојдневната исхрана. Така, со растот на побарувачката за ова овошје од година на година расте и увозот на авокадото. Дури 41 отсто од глобалниот увоз се однесуваат на САД, каде што минатата година тој бил зголемен за 30 отсто, а следна на листата е Европската Унија.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија