X
 18.03.2020 Економија

Вести од светот што останаа во сенка поради коронавирусот

Сите медиуми се посветени на известувањето за коронавирусот, кој брзо се шири низ светот, но во меѓувреме се случуваат и други настани на глобално ниво кои не стигнаа до јавноста поради коронавирусот. Меѓу другото, Источна Африка се соочува со инвазија на скакулци.

Скакулци во Источна Африка

Агенции на Обединетите нации предупредуваат дека роеви од скакулци во Источна Африка претставуваат закана за безбедноста на храната и животот во погодените подрачја. Во Кенија неодамна бил забележан рој од скакулци трипати поголем од градот Њујорк. Инвазија на скакулци има и во Јемен, Саудиска Арабија, Иран, Пакистан и во Индија.


Фото: Организација за исхрана и земјоделство на ООН

Организацијата за исхрана и земјоделство на ОН изјавила дека бројот на скакулци во Источна Африка може да се зголеми за 500 пати до јуни. Во тек е собирањето донации за соочување со кризата. До крајот на февруари биле собрани 52 милиони долари, а потребни се 138 милиони долари.

Пад на цените на нафтата

Побарувачката на нафта беше намалена уште во времето кога коронавирусот беше проширен само во Кина и во неколку други земји. Но стравот за иднината на економијата се зголеми со нафтената војна помеѓу Русија и Саудиска Арабија, кои се едни од најголемите произведувачи на нафта во светот.


Фото: Pixabay

Нова мигрантска криза во Европа

Десетици илјадници мигранти се обидуваат да влезат во Грција откако Турција ја намали контролата на границата на 28 февруари. Турција се договори со Европската Унија во 2016 година да го блокира движењето на мигрантите од Сирија и другите земји и за тоа да добие финансиска помош. Но, земјата неодамна изјави дека повеќе нема да ги блокира мигрантите во нивниот пат до Унијата преку Грција. Грција ја затвори границата и изјави дека нема да прима барања за азил еден месец. Европската Унија изјавила дека ќе им плати на некои мигранти да се вратат во своите земји.


Фото: Pixabay

Втор најтопол февруари досега

Земјата само што го имаше вториот најтопол февруари од 1880 година, кога почнале да се бележат температурите. Во северната хемисфера имаше необично топла зима. Во Норвешка била забележана температура од 19 Целзиусови степени во јануари. Во Европа и во Азија се забележани најтоплите зими досега. Научниците ја прогласија 2019 година за втора најтопла досега.

Автор: Розамонд Хат
Извор: weforum.org 

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија