X
 09.02.2024 Наша тема

Неискуството ги прави тинејџерите најризична група за сообраќајни несреќи: Само во 2023 година МВР казнило 3.474 возачи почетници

Средношколците едвај чекаат да седнат на возачкото седиште во автомобилот кој најчесто им е подарок од нивните родители, но непочитувањето на сообраќајните правила и неискуството на патот ги прави возрасна група со најголем ризик од сообраќајни несреќи.

Истражувањата покажуваат дека ризикот од сообраќајни несреќи е поголем кај младите возачи на возраст меѓу 16 и 19 години, а клучна причина е возачкото неискуство.

Неискуството на патот беше причина за сообраќајни несреќи со фатални последици предизвикани од возачи почетници кои спротивно на закон возеле ноќно време со поголема брзина од дозволената, но и со автомобили кои имаат поголема моќност од пропишаната за возач почетник.

Од МВР велат дека Секторот за сообраќајни работи не води статистика на прекршители по возраст, но доволен доказ за тоа е неодамнешниот смртен случај на малолетник чиј живот прерано згасна во сообраќајна несреќа во која со моторно возило управуваше токму малолетно лице.
Од МВР открија дека во 2023 година се казнети над 3.000 возачи почетници.



- Согласно одредбите од член 277 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во 2023 година се санкционирани 3.474 возачи почетници - истакнаа од МВР.

Според законската обврска во земјава, возачот почетник по добивањето на дозволата, две години не смее да вози со брзина поголема од 100 км/ч на автопат, односно поголема од 60 км/ч на јавен пат, а во вечерните часови со него мора да има искусен возач постар од 25 години.
Според член 277 од Законот за безбедност на патиштата, возач-почетник кој поседува возачка дозвола од категориите „А1“, „А2“, „А“, „Б“, „Ц1“, „Ц“, ЦЕ и Ц1Е не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 km/h на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 km/h на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 km/h на автопат, а со велосипед со мотор повеќе од 40 km/h, ниту смее со возилото да влече приклучно возило или да врши организиран превоз на деца, во рок од две години од денот на издавање на возачката дозвола.

- Возач - почетник од категориите „АМ“, „А1“, „А2“, „А“ и „Б“ не смее да управува возило во патниот сообраќај во времето од 23:00 часот до 5:00 часот, освен возач-почетник од категоријата Б ако со него во возилото на предното седиште се наоѓа лице-возач од соодветната категорија кое е постаро од 25 години и за кое не трае прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило. Возачот почетник кој поседува возачка дозвола од „Б” категорија не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 77 киловати - стои во Законот за безбедност.

Статистиката покажува дека тинејџерите не сакаат ниту да носат сигурносни појаси, со што се зголемува ризикот од повреди, па дури и смрт кога овие возачи учествуваат во сообраќајни несреќи. Една од главните причини за сообраќајни несреќни со смртен исход се брзото возење надополнето со непромислено претекнување и возењето под дејство на алкохол.



Од 2013 година е поместена старосната граница за полагање за возачка дозвола само за одлични ученици со примерно поведение. Малолетниците со наполнети 16 години се стекнуваат со правото за поседување возачка дозвола од Б-категорија.
Се помести и старосната граница за возач-почетник. Со законските измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возач-почетник се смета од 16 до 18-годишна возраст, за разлика од порано, кога за почетници се сметаа сите што имаат најмногу 21 година. Сепак, само малолетниците што имаат покажано одличен успех и примерно поведение за изминатата година ќе можат да полагаат возачки испит.

Постар малолетник може да се стекне со право на оспособување за управување со моторно возило од Б-категорија доколку наполнил 16 години возраст и има лична карта.

Важно е да е здравствено и психофизички способно да управува со моторно возило и да има завршено најмалку основно образование. Без согласност од двајцата родители, малолетник не може да полага, исто како и без одличен успех и примерно поведение во последната завршена учебна година. Училишниот психолог и педагог мора да дадат писмена согласност за тој да полага, а при земањето часови малолетникот мора да зема дополнително 30 проценти повеќе часови.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема