X
 03.06.2021 Живот

Културата за носење маски во Јапонија се негува уште од детството

Дури и пред пандемијата повеќето Јапонци немаа никаков проблем со носењето маски за разлика од тврдоглавиот отпор што се појави во многу делови на Европа и САД.

Сега, јапонските истражувачи сметаат дека разликите во културното прифаќање може да се пронајдат уште во детството и начинот на кој се разбира јазикот со гледање на устата или очите на соговорникот.

- Од навиките во текот на детството произлегуваат разликите во секојдневните активности кај возрасните - вели Каору Секијама, професор по когнитивна наука на Универзитетот во Кјото, кој ги водеше истражувачите.

Тимот проучувал 120 јапонски деца на возраст од 6 месеци до 3 години и ја набљудувал насоката на нивниот поглед.

Претходните истражувања покажале дека јапонските возрасни лица главно се фокусираат на очите на личноста што зборува при разговор, додека оние чиј мајчин јазик е англискиот, во Европа и во Северна Америка, се фокусираат на устата на соговорникот.

Покривањето на тој посебен дел - очите или устата, создава вознемиреност кај оние што учествуваат во разговорот.

Всушност, многу луѓе носат очила за сонце надвор во земјите низ Европа и во Северна Америка, но носењето маски не е толку популарно како што е во Јапонија. Луѓето гледаат во различни делови на лицето на соговорникот поради структурните разлики помеѓу јапонскиот и англискиот јазик.

maska
Фото: Freepik

Бидејќи јапонскиот јазик нема многу самогласки и согласки, на согорникот не му помага многу читањето од усните. На јапонски јазик постои изрека што вели дека очите зборуваат исто колку и устата. Така, Јапонците ја читаат емоцијата на соговорникот токму од неговите очи.

Но, англискиот јазик има многу согласки, па тој што зборува ја движи устата на различни начини. Полесно е да се сфати што зборува соговорникот гледајќи во неговата уста.

Според истражувања спроведени во Европа и во Северна Америка, бебињата и доенчињата од 1 до 2 месеци, кои допрва треба да почнат да учат да зборуваат, главно гледаат во очите на соговорникот. Но, по петтиот месец тие имаат тенденција нивните очи да ги насочат кон устата на соговорникот.

Така, тимот на Секијама одлучил да набљудува кој дел од лицето на тој што зборува ќе го гледаат 120 јапонски бебиња и деца преку екран. Тие велат дека резултатот е изненадувачки: бебињата главно гледале во очите. Оние што имале околу 2 години поминале повеќе време гледајќи во устата на соговрникот.

Но, оние што имале околу 3 години, имале тенденција да гледаат во очите на соговорникот.

Не секогаш бебињата и децата се насочени кон очите на соговорникот. Тие почнуваат со фокусирање на устата, а потоа се враќаат на првата навика да се фокусираат на очите на соговорникот.

Истражувачите откриваат дека децата што знаат повеќе зборови имаат тенденција да гледаат во очите на на тој што зборува бидејќи немаат потреба да гледаат во неговата уста.

Извор: Asahi.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот