Ова се главните фази откако Светската здравствена организација на 8 јануари објави дека новиот коронавирус може да биде причина за непознатата епидемија што се појави во Кина. Од вирусот досега починаа повеќе од 80.000 луѓе во светот.
8 јануари - Светската здравствена организација објави дека новиот коронавирус може да биде причина за епидемијата на пневмонија од непознато потекло што се случи во декември во кинескиот град Вухан.
11 јануари - Првиот смртен случај во Кина. Првите инфекции надвор од Кина беа објавени во јануари.
24 јануари - Први случаи во Европа, во Франција.
25 јануари - По Вухан, речиси целата централна провинција Хубеи во Кина е ставена во изолација.
28 јануари - Две први директни пренесувања на инфекцијата надвор од Кина, потврдени во Јапонија и во Германија. Повеќе земји ги враќаат своите државјани од Вухан.
30 февруари - СЗО, критикувана поради двоумењето, прогласи меѓународна вонредна состојба, но не смета дека е неопходно да се ограничат патувањата и трговијата со Кина.
2 февруари - Првите смртни случаи надвор од Кина, на Филипините (Кинез со потекло од Вухан).
Фото: Pixabay
7 февруари - СЗО предупредува дека светот се соочува со хроничен недостиг на опрема за медицинска заштита.
14 февруари - Кинез почина во Франција, прв смртен случај од коронавирус надвор од Азија.
19 февруари - Бројот на загинати надминува 2.000 и СЗО предупредува за воведување мерки.
Повеќе меѓународни фирми стравуваат од силното влијание на коронавирусот врз нивната работа и нивните резултати. Меѓународните саеми, спортски натпревари и прослави масовно се откажуваат. Се откажуваат и летовите кон Кина.
Се зголемува и бројот на заразени во Италија, Јужна Кореја и во Иран.
25 февруари - СЗО зборува за ризикот дека станува збор за пандемија, ден подоцна бројот на новозаразени во светот го надминува бројот на заразени во Кина.
Почеток на март - СЗО ги повикува земјите да се снабдат со респираторни машини за помош при дишењето. ОЕЦД предвидува огромен застој на економијата.
6 март - Повеќе од 100.000 случаи на коронавирус во светот.
8 март - Италија прогласува изолација на северниот дел на земјата и брзо потоа ги проширува мерките низ целата земја.
9 март - Падот на цената на нафтата доведува до пад на светските берзи.
11 март - СЗО прогласува пандемија од Ковид-19. Американските граници постепено се затвораат за околу 30 земји. Владите и централните банки објавуваат масовна мерка за поддршка на економијата.
13 март - СЗО наведува дека сега Европа е епицентарот на пандемијата.
14-17 март - Прво Шпанија, па Франција прогласува задолжителна изолација на населението. Другите европски земји советуваат останување дома и ограничување на контактите.
Авиокомпаниите ги затвораат летовите. Голем број земји ги затвораат границите.
18 март - Забележани се повеќе од 200.000 случаи.
19 март - Италија станува земја со најголем број смртни случаи од Ковид-19.
Се зголемуваат објавите за национални или локални изолации на населението.
23 март - ММФ предупредува на рецесија што ќе биде полоша од онаа по финансиската криза во 2008 година.
24 март - Одложени се Олимписките игри во Токио. СЗО предвидува дека САД, каде што експлодира бројот на заразени лица, може да станат епицентарот на пандемијата.
25 март - ОН предупредуваат дека ширењето на пандемијата му се заканува на целото човештво.
Повеќе од три милијарди луѓе во светот се повикани да останат во своите домови, во однос на милијарда луѓе два дена порано.
28 март - Во време кога Вухан почнува да излегува од изолацијата, Италија го надминува бројот на 10.000 смртни случаи од
Ковид-19, а Шпанија ја достигнува истата бројка пет дена подоцна.
2 април - Шпанија објави најголем број смртни случаи во еден ден, повеќе од која било друга земја: 950.
8 април - На глобално ниво, властите објавија 1.446.981 потврден случај на Ковид-19, од кои 996.000 активни и тековни случаи, приближно 308.653 оздравени лица и 83.090 смртни случаи.