X
 22.04.2020 Живот

Бил Гејтс е најновата жртва на теоретичарите на заговори

Кога милијардер како Бил Гејтс насочува големо внимание и пари во борбата против пандемијата на коронавирусот, која е предмет на разни теории на заговор, меѓу кои и теоријата за поврзаноста на пандемијата со воведување на 5Г-технологија, тогаш и самиот станува мета на теории на заговор. Лагите што почнаа да се шират за него веќе ги надминуваат теориите на заговор за 5Г-технологијата.

Бил Гејтс стана нова омилена мета на оние што шират лаги и дезинформации поврзани со пандемијата на коронавирусот. „Њујорк тајмс“ направи компилација од теории на заговор што се појавија на интернет, во соработка со компанијата „Зингал лабс“, која анализира медиумски извори.

Помеѓу февруари и април, Бил Гејтс бил споменат 1,2 милион пати во контекст на теориите на заговор за коронавирусот, без оглед дали станува збор за телевизија или социјални медиуми.

Ставено во контекст со теориите на заговор за 5Г-технологијата, тоа е за 33 отсто повеќе во истиот период.

Април, кој е во тек, всушност го претставува моменталниот врв бидејќи дневно Бил Гејтс се споменува во просек 18.000 пати во теориите на заговор за коронавирусот, покажува анализата на „Зингал лабс“.

gejts
Фото: Screenshot/YouTube

„Јутјуб“, „Фејсбук“ и „Твитер“ се полни со лажни теории насочени против основачот на „Мајкрософт“. „Њујорк тајмс“ откри 16.000 објави само на „Фејсбук“, од почетокот на годината, на кои е коментирано или кои се лајкнати речиси 900.000 пати.

Десетте најпопуларни видеа на „Јутјуб“ што шират лаги поврзани со Гејтс и ширењето на новиот коронавирус се прегледани речиси пет милиони пати во март и во април.

Лагите што се шират за Гејтс варираат од тоа дека тој го создал коронавирусот за да профитира од вакцината, до тоа дека Гејтс е дел од заговорот за убиство на човештвото или воведување глобален систем за надзор.

Според „Њујорк тајмс“, таканаречените антиваксери, десничарските интелектуалци и членовите на групите на теоретичари на заговор „КуАнон“ тврдат дека токму споменатото видео е доказ за планот на Гејтс да ја искористи пандемијата за своја лична корист.

Гејтс долго време е гласен критичар на американскиот претседател Доналд Трамп и за неговата одлука да го повлече финансирањето на Светската здравствена организација рече дека е поопасна отколку што изгледа.

Гејтс засега ја нема искоментирано својата новостекната озлогласеност.

Извор: The Verge
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот