X
 09.05.2019 Здравје

Седум тироидни емотикони за седумте типа заболувања на тироидната жлезда

Од година на година расте бројот на пациенти со одредени заболувања на тироидната жлезда

Водечката научна и технолошка компанија „Мерк“ под мотото „Многуте лица на тироидната жлезда – Аларм за свест“ од денеска почнува глобална кампања за подигнување на јавната свест за различните типови нарушувања на тироидната жлезда. Кампањата ќе се одвива во текот на мај. Во рамките на кампањата првпат ќе бидат претставени тироидни емотикони „Thyrojis“ кои ги илустрираат знаците и симптомите на нарушувањата на тироидната жлезда.
Според податоците добиени од Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина во Скопје, од година на година расте бројот на пациенти со одредени заболувања на тироидната жлезда. Статистиката на овој институт вели дека во 2017 година биле дијагностицирани 18.215 пациенти, а овој број во 2018 година пораснал на 19.201 пациент, што е за 5% повеќе.

Најмногу пациенти биле дијагностицирани со хипотироидизам.

– Од особено значење е да се подигне свеста за улогата на тироидната жлезда во човековиот организам и промените што настануваат кога е нарушена нејзината функција. Особено треба да се потенцира ефектот на тироидните хормони врз развојот на мозокот и коскениот систем кај плодот интраутерино, како и влијанието врз регулацијата на базалниот и енергетски метаболизам. Подигањето на свеста за тироидната жлезда и нејзината улога во организмот е од есенцијално значење за здравјето на популацијата и затоа е потребно да се дејствува проактивно во оваа насока – истакнува д-р Синиша Стојаноски од Институтот.



Инаку, седумте тироидни емотикони се дизајнирани од страна на „Мерк“ во соработка со Меѓународната тироидна федерација (TFI), а во насока на одбележување на Интернационалната недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда (ITAW), која официјално трае од 25 до 31 мај.За корисните совети да се доближат до што поголема публика, кампањата ќе се одвива на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Инстаграм“, каде што ќе се објават разни статии со информации за важноста на заболувањата и симптомите кои се јавуваат кај тироидните заболувања, како и потребата од навремено дијагностицирање и почеток на третман, а со цел пациентите да ја вратат нормалната функција на тироидната жлезда и да имаат квалитетен и нормален живот.



Дополнително, на 11 мај во периодот од 11 до 15 часот во Градскиот парк во Скопје ќе биде организиран и настан на отворено. Настанот е во организација на Здружението на лекари по општа медицина – семејна медицина, а компанијата „Варус“ од Скопје како овластен застапник на „Мерк“ во Македонија ќе биде покровител и ќе обезбеди едукативен материјал за сите посетители. Тие ќе имаат можност да поразговараат со доктори од здружението и да научат повеќе за тироидните заболувања.

За тироидните нарушувања, препознавањето на симптомите, важноста од навремената посета на лекар, како и за примената на соодветен третман ќе се зборува и во повеќе телевизиски гостувања.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје