X
 09.05.2021 Технологија

Како би влијаела сајбер-војната врз животот на луѓето?

Војната во сајбер-просторот во случај на судир на големите сили целосно би го променила начинот на живот на повеќето луѓе, предупредува Кевин Мандија, извршен директор на безбедносната компанија „Фајрај“.

Со развојот на технологијата и интернетот се разви сосема нова форма на војување, непозната до пред две децении - онаа во сајбер-просторот.

Иако за многумина ваквиот начин на војување е прилично апстрактен, неговите последици можат да бидат далекосежни и да ги почувствуваат сите жители на државите вклучени во војни.

Мандија објаснува дека сите работи на кои се навикнати луѓето - од сурфање на интернет, плаќање преку интернет, играње игри, комуникациски платформи, бизнис-апликации, може да престанат да функционираат пократко или подолго време.

Големиот сајбер-напад би можел да ја наруши и логистиката, бидејќи ако не работат компјутерите и мрежата преку која се следи логистиката, може да се појави хаос и недостиг на многу работи. Овие се потенцијални проблеми што може да ги предизвика некој масовен хакерски напад врз една земја и нејзината инфраструктура, а граѓаните би биле повеќе или помалку немоќни.

Ако дојде до прекинување на интернет-врската, никој не би можел да знае што се случува, ниту луѓето ќе можат да комуницираат со своите најблиски. Не е тешко да се замисли каков хаос и шок би предизвикал овој случај.

Мандија предупредува на фактот дека во моментов не постојат правила за сајбер-војна, односно не постои пишан документ кон кој би требало да се придржуваат државите во конфликти.

Што се однесува до Америка, Мандија вели дека повеќето земји не може да ги победат САД со употреба на тенкови и авиони, но затоа можат да инвестираат во сајбер-војна и да победат во таков конфликт.

Опасноста од хаос како резултат на таквата војна им се заканува на сите земји што можат да учествуваат во воени или само сајбер-конфликти во иднина, а штетата од хакерските напади може да биде катастрофална бидејќи ваквите напади можат директно да влијаат врз сите луѓе и сите аспекти на животот.



Извор: Axios.com | Nezavisne.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија