X
 09.06.2024 Здравје

Физичката активност во текот на вечерта е корисна за дебелите луѓе

Истражувачите од Универзитетот во Сиднеј откриле дека повеќето физички активности што се применуваат во вечерните часови имаат најмногу здравствени придобивки за дебелите луѓе.

Заклучоци од новото австралиско истражување

Една неодамнешна студија открива дека повеќе од една милијарда луѓе во светот се сметаат за дебели, со проекции дека оваа бројка потенцијално би можела да достигне 4 милијарди луѓе до 2050 година.

- Приближно двајца од тројца Австралијци се со прекумерна тежина или дебели, што е значаен ризик-фактор за многу хронични болести како што се дијабетес, кардиоваскуларни болести и разни видови рак. Еден од клучните двигатели на компликациите поврзани со дебелината е инсулинската резистенција - состојба која на крајот води до високи нивоа на гликоза во крвта и дијабетес тип 2, па може да предизвика катастрофално оштетување на кардиоваскуларниот систем и да доведе до откажување на органите - вели д-р Анџело Сабаг, истражувач и акредитиран физиолог за вежбање во Центарот „Чарлс Перкинс“ при Универзитетот во Сиднеј, Австралија, и главен автор на оваа студија.

Вежбањето по 18 часот е поврзано со најмал ризик од смрт


За оваа студија, д-р Сабаг и неговиот тим ги анализирале податоците од „Биобанк“ од Велика Британија, на речиси 30.000 луѓе на возраст над 40 години. Сите учесници се сметале за дебели, а околу 3.000 имале дијабетес тип 2. Истражувачите имале пристап и до податоците од уредите кои ги следеле нивоата на физичка активност на учесниците наутро, попладне и навечер, во период од осум години.

На крајот од студијата, научниците откриле дека луѓето што поголемиот дел од нивната умерена до енергична физичка активност ја вршат помеѓу 18 часот и полноќ имаат најмал ризик од прерана смрт и смрт од кардиоваскуларни болести. И умерената и силната физичка активност ги зголемуваат отчукувањата на срцето и дишењето. Примери за умерена физичка активност се:

-брзо одење
-танцување
-косење на тревникот
-кревање тежина
-пливање

Интензивни физички активности се:

-џогирање/трчање
-планинарење
-копање
-аеробик
-играње фудбал или кошарка.

Вечерното вежбање ја компензира ноќната отпорност на инсулин


Д-р Сабаг вели дека тој и неговиот истражувачки тим веруваат оти нивните резултати може делумно да се објаснат со подобрената кардиометаболна регулација, поврзана со вечерната физичка активност, теорија поддржана од неодамнешните клинички студии.

- Нашето тело е најотпорно на инсулин во текот на ноќта и за оние што не можат да произведат повеќе инсулин, физичката активност во овој дел од денот може да компензира дел од природната ноќна отпорност на инсулин. Неодамнешните наоди од една помала клиничка студија покажаа дека вежбањето подоцна во текот на денот довело до поголеми подобрувања на крвниот притисок, значаен ризик-фактор за прерана смрт и кардиоваскуларни болести. Заедно, овие теории даваат одреден увид за тоа што може да се случи, но потребни се дополнителни истражувања за да се добие посеопфатно разбирање на таквите процеси- објаснил тој.

Дали се корисни вежби со кратки интервали?

- Вежбите со кратки интервали можат да бидат корисни. Луѓето што не можат да прават структурирани вежби од 30 до 60 минути, можат да прават пократки, поинтензивни активности и да видат корисни резултати - вели Мир Али, доктор на науки во медицинскиот центар „Оринџ Коуст“ во Калифорнија.

Дали треба да вежбаме само навечер?

Врз основа на оваа студија, можеме да се запрашаме дали треба да ја фокусираме целата физичка активност во вечерните часови. Додека оваа студија ја воведува интересната хипотеза дека вечерното вежбање може да има уникатни придобивки, Рајан Глат, виш тренер за здравје на мозокот од Пацифичкиот институт за невронаука во Санта Моника, Калифорнија, вели дека е клучно да се пристапи кон овие наоди со претпазливост.

- Потребни се дополнителни истражувања за да се потврди тврдењето дека времето на физичка активност значително влијае врз здравствените резултати, пред да се ревидираат советите за јавно здравје - додал Глат.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје