X
 25.01.2017 Здравје

Зошто е важно понекогаш здраво да се исплачеме?

Можете ли да се потсетите кога последен пат сте плачеле? Повеќето луѓе сметаат дека плачењето е знак на емотивна слабост, меѓутоа соочувањето со сопствените емоции бара многу сила во форма на лична ранливост.

Дали некогаш, додека солзите ви течат по образите и ви го замаглуваат погледот, сте се запрашале кои се физичките и емоционалните предности на таа „беспомошна состојба“?

Земете марамче со себе и прочитајте за изненадувачките предности на плачењето:

1.    Плачењето ги ослободува токсините

Познато е дека плачењето има и физички и ментален учинок на чистење. Солзите му помагаат на телото да се ослободи од хормонот на стресот, познат како кортизол. Токму како и при другите егзокрини процеси - мокрењето, издишувањето, потењето и при плачењето телото се ослободува од отровните материи. Болката се  намалува од  протеинот пролактин, а главни хемиски состојки на емоционалните солзи се адренокортикотропните хормони и ендорфинлеуцинот - енкефалин.

2.    Плачењето го подобрува видот

Потврдено е дека солзите од солзните жлезди го бистрат нашиот поглед и ги подмачкуваат капаците и очните јаболка. Погледот може да стане матен кога очната слузокожа е дехидрирана. Солзите ја одржуваат влажноста на површината на очите и ја плакнат од прашината. Плачењето ја одржува хидратацијата на слузокожата.

3.    Плачењето ги уништува бактериите

Плачењето може да биде добар начин за ослободување од бактерии, бидејќи солзите содржат лизозим – ензим што има противвоспалително дејство. Тој се наоѓа и во спермата, мајчиното млеко, во лигите, и ги уништува речиси 90 проценти од сите видови бактерии во рок од 10 минути.

плачење
Фото: Freepik

4.    Го подобрува расположението

Солзите го подобруваат нашето расположение подобро од кој било антидепресив . Студијата од 2008 година на универзитетот во Јужна Флорида откри дека 90 проценти од луѓето кои плачеле во стресни ситуации почувствувале значително олеснување и подобрено расположение. Поединците со анксиозно нарушување помалку ги доживувале позитивните ефекти од плачењето.

5.    Ослободува од стрес

Дури кога околностите и натаму остануваат исти, доброто исплачување овозможува чувство на олеснување. Општо е познато дека при плачењето се ослободува хормонот на стресот или токсините од телото, со што значително се намалува напнатоста. Плачењето е сигурен и ефектен начин за справување со стресот и обезбедува емоционално ослободување од негативните чувства, фрустрациите и стресот.

6.    Ја подобрува комуникацијата

Плачењето може да го пренесе она што не може да се изрази со зборови, особено во некаква врска. Плачењето може да ја смири кавгата и да го истакне она што не е изразено со зборови или едноставно да го нагласи значењето на чувствата што стојат зад дијалогот.

Затоа слободно можеме да заклучиме, доброто плачење може да нè исцели, и физички и психички.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје