Наскоро ќе почнат да се користат автомобили што сами функционираат, без присуство на возач. Но, се поставува прашањето што ќе се случи во опасни ситуации и како ќе се „однесува“ автомобилот?
Истражувачите демонстрираат паметни возила кои се способни за донесување етички одлуки кога се на пат, што сега е задача на возачите. Тимот на креатори на вакви автомобили, по анализирање на човековото однесување во одредени ситуации, создал алгоритми кои ги вметнува во автомобилите, па тие така ќе можат да донесуваат морални одлуки. Ова е огромен напредок во оваа област бидејќи претходно експертите сметаа дека вакво нешто нема да биде возможно.
Ако се земат предвид статистиките, луѓето знаат да бидат и ужасни возачи, често го губат фокусот или, пак, возат во алкохолизирана состојба. Се смета дека возилата без возачи ќе ги намалат несреќните случаи на патиштата дури за 90%. Ќе бидат програмирани да возат побавно или да го променат начинот на возење, следејќи низа од програмирани правила. Но, за жал, постојат и сценарија каде што едноставно не може да се избегне трагедија, но може да се намали. Како во тие случаи ќе реагира автомобилот? Многу е тешко во алгоритам да се сведе донесувањето на вакви тешки одлуки, во зависност од уникатната ситуација што се одвива. Експертите го анализирале човечкото однесување во повеќе вакви ситуации.
Повеќе фактори имале улога, како на пример, желбата за избегнување трагедија и возраста на луѓето што се вклучени во опасната ситуација. Сепак, експертите дошле до заклучок дека автомобилите можат да донесат одлука и да направат избор користејќи едноставен алгоритам, а тоа значи следење на моделот на вреднување на животот, без разлика на другите фактори, и обид за избегнување трагедија.
Иако има уште време додека ваквите
автомобили не бидат дел од секојдневието, сепак ваквите анализи се голем чекор напред во процесот на нивно имплементирање.